„ТИ БИДИ СВОЈ“ – нова музичка приказна од MIYATTA

Јуни, месецот кој за MIYATTA носи посебна емоција и инспирација, е одбележан со издавањето на нејзината нова песна „Ти биди СВОЈ“ – музичко парче кое претставува продолжение на нејзината претходна музичка порака „Верувам во себе“.

Песната е авторско и лично музичко дело на MIYATTA, која стои зад вокалите, музиката, текстот и дел од аранжманот. Проектот е снимен во живо во студиото „Подрумот“ во Скопје, што придонесува за неговата искреност и силен емоционален израз.


Во изведбата учествува внимателно одбран музички тим: виолината е во изведба на Гоце Вангеловски, пијано свири Бојан Димитровски, гитарите се на Кире Мирчовски и Јаков Ѓорговски, додека бас гитарата и тапаните ги изведува Иво Митковски. Посебен кантри-елемент во звукот носи бенџото, отсвирено од Рики Миер од Калифорнија, со што се додава меѓународна димензија и порака дека музиката не познава граници.

Аудио инженер и аранжер на проектот е Ангел Ќосев, со кого MIYATTA веќе има повеќекратна успешна соработка.

Видеоспотот е снимен на две посебни локации во Македонија – Пробиштип и Кучково (општина Ѓорче Петров). MIYATTA се потпишува и како режисер на видеото, додека директор на фотографија е Сашо Доковски, а монтажата е изработена од Горан Цветковиќ.


„Со ова видео сакав да ја пренесам енергијата што ја чувствувам кога сум своја – ослободена од предрасуди и норми, комотна во сопствената кожа, и да ги поттикнам и другите да го пронајдат тоа чувство,“ истакнува MIYATTA.

https://www.youtube.com/watch?v=yxsuRRr7agQ