ИПА Охрид организира јубилеен Вело-викенд, главната тура Охрид–Струга–Радожда на 13 јуни

Во организација на Интернационална полициска асоцијација (ИПА) Охрид, од 12 до 14 јуни годинава во Охрид ќе се одржува јубилејниот 10. Меѓународен ИПА Вело-викенд „На точак, Охрид и Струга да видам“, со централна рекреативна велосипедска тура Охрид–Струга–Радожда закажана за 13 јуни.

Стартот ќе биде од градското пристаниште во Охрид во 08 часот од каде, ќе се вози по охридскиот кеј и низ неколку улици низ Охрид, потоа по стариот пат кон Струга, покрај Охридското Езеро и низ живописните зелени предели кај Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“ до Радожда.

Велосипедската рекреативна тура Охрид-Струга-Радожда е традиционална рекреативна велосипедска тура со која, уште од 2016 година, се афирмира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града-Охрид и Струга и понатаму кон туристичката населба Радожда и од Охрид до Пештани, со современо уредена, функционална и безбедна велосипедска патека, велат од ИПА Охрид.

Во време кога урбаниот и рекреативниот велосипедизам имаат се поголемо значење и кога државите градат велосипедски автопати, истакнуваат дека редно е и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да има безбедни вело патеки а не, да се вози покрај автомобили, автобуси и камиони и да се ставаат во сериозна и опасна ситуација велосипедистите.

Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на небезбедните патишта во регионот, на кои нема ни трага ни глас од вело патеки означени со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација, велат од ИАП Охрид.

Воедно, упатуваат повик до членството на ИПА, вело-клубовите и граѓаните од земјава и странство да се приклучат на настанот и со масовно учество да дадат поддршка за развој на велосипедската мрежа во регионот.