Иван Кукиќ заедно со својот бенд „Yu For You“ ја преработија култната македонска песна „Самовилска свадба“, дело на композиторот Григор Копров со текст на Јордан Данаиловски, во оригинална изведба на Сашо Гигов – Гиш, која беше дел од македонскиот избор за „Песна на Евровизија“ 1998 година.
Новата верзија носи модерен аранжман, дело на Иван Кукиќ и Зоран Трендов, кој ја задржува препознатливата мелодија, но со освежен звук за денешната публика.
Иван објаснува дека идејата за преработката произлегла од реакциите на публиката на нивните настапи во живо:
„Во нашиот репертоар оваа песна е задолжителна и секогаш одлично поминува кај публиката. Ја бараат често и ја изведуваме и по неколку пати во текот на вечерта. Многумина ни предлагаа да ја снимиме во наша верзија, па така дојде и до реализација на оваа преработка.“
Со оваа обработка, Иван Кукиќ и бендот „Yu For You“ уште еднаш ја потсетуваат публиката на безвременското богатство на македонската музика, носејќи ѝ нов живот преку современ музички израз.