Со нова доза енергија и силна порака, Тамара Тодевска го објави синглот „Дива“, третото музичко поглавје од нејзиниот визуелен албум „Кукла жива“.
Станува збор за динамична летна песна која зборува за самодовербата, слободата и женската сила. Рефренот „Дива, дива, дива – без страв, без срам, без вина“ ја испраќа пораката дека секој треба да биде свој, без компромиси и без потреба да се извинува за тоа што е.
Музиката и текстот ги потпишуваат Коста Петров и Тамара Тодевска, додека продукцијата е на Емин Џијан. Видеоспотот, режиран од Мартин Трајановски, е снимен во TAKAT Studios и претставува дел од визуелната приказна на албумот „Кукла жива“ – првиот визуелен албум создаден во Македонија.

Со објавувањето на „Дива“, Тамара продолжува постепено да ја открива приказната на албумот, кој содржи десет песни и десет визуелни видеа. Финалето на овој проект ќе биде концертната промоција закажана за 3 октомври во арената „Борис Трајковски“.
„Сакав „Дива“ да биде песна што ќе ја пуштиш гласно, ќе ја пееш и ќе се чувствуваш слободно. Да те потсети дека можеш да бидеш своја – без страв, без срам, без вина“, вели Тамара.
Песната „Дива“ е достапна на официјалниот YouTube канал на Тамара Тодевска, како и на сите музички стриминг платформи.