Битола во средата на 22 јули беше во знакот на музиката. Во преполниот антички локалитет Хераклеја, Борче Наумовски – Министерот, со спектакуларен концерт одбележа 30 години успешна естрадна кариера, приредувајќи вечер што долго ќе се памети.
Пред илјадници посетители, Наумовски истакна дека подготовките за концертот траеле повеќе од шест месеци, а целата програма била симболично посветена на бројот 30.
„Вечерва славам најголем јубилеј во мојата кариера – три децении на сцената. Затоа сè е во знакот на бројот 30 – ќе изведеме 30 песни, на сцената има 30 тапанџии, 30 играорци, а нашиот тон-мајстор ќе отвори точно 30 канали за музичарите. Најубаво од сè е што со нас вечерва се околу 3.000 луѓе, што е навистина голема чест“, рече Наумовски.
Концертот го водеше Ирена Спироска, која потсети на богатата биографија на славеникот – неговите музички почетоци, образованието во Државното музичко училиште во Битола, четирите студиски албуми и новиот проект „The Best of Me“, кој ги обединува најзначајните песни од неговата триесетгодишна кариера.

„Борче е единствениот министер кого никој не може да го разреши – затоа што засекогаш ќе остане министер на македонската музичка сцена“, истакна Спироска.
Публиката имаше можност да ја слушне и најновата песна „Моја љубов, моја судбина“, по која ќе го носи името и новиот албум, а премиерно беше изведена и композицијата „Битолските чупиња“.
На сцената како специјални гости настапија Татјана Стефановска, Даниела Темелковска, Марјан Коцев, Кате и Трајче Соната и Миле Кузмановски, кои со задоволство му се придружија на славеникот во прославата на големиот јубилеј.
Иако е роден во Сиднеј, Австралија, Борче Наумовски уште еднаш ја потврди својата љубов кон Македонија и македонската традиција. Во концертот беа вклучени 30 играорци од КУД „Илинден“ и 30 тапанџии, кои со своите настапи оставија силен впечаток кај присутните.
Финалето беше исполнето со емоции. Министерот концертот го заокружи со песни посветени на Македонија, битолски серенади и безвременската „Ако одам во Битола“, а една серенада му ја посвети на битолската музичка легенда Боцкино, кого го нарече свој прв музички учител.
Во текот на целата вечер Наумовски беше придружуван од голем оркестар под диригентската палка на професорот Кирил Стојчевски, негов долгогодишен соработник и автор на повеќе негови композиции. Оркестарот броеше 17 музичари, меѓу кои гудачи, дувачи, хармоникаши, гитаристи и придружни вокали, создавајќи моќен музички звук достоен за јубилеј од ваков ранг.
Прославата заврши со впечатлив огномет, а публиката ја испрати вечерта со долги аплаузи, потврдувајќи дека Борче Наумовски – Министерот и по три децении останува едно од најпрепознатливите имиња на македонската естрада и продолжува да создава, да твори и да освојува нови генерации љубители на македонската музика.