Патувачката изложба „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“ пристигна во МСУ

Патувачката изложба „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“ во организација на Амбасадата на Јапонија и Јапонската фондација отворена е денес (16.07.) во Музејот на современата уметност.  

Изложбата претставува 80 примери на објекти, инженерски градби, пејзажи и други дела од сите префектури на Јапонија, прикажани преку фотографии, текстови и видеоматеријали, кои откриваат како Јапонците се соочувале себеси, локалните идентитети и своето културно богатство во соживот со природната средина.

Од снежниот север до суптропскиот југ, јапонскиот архипелаг опфаќа богата разновидност на пејзажи и климатски услови. Животот во средина изложена на земјотреси, вулкани, цунами и сезонски бури поттикнал култура на приспособување и отпорност, а архитектурата на земјата претставува сведоштво за оваа издржливост, откривајќи длабоко разбирање и почит кон силите на природата.

 Набљудувана низ призмата на изградената средина, Јапонија се манифестира како пејзаж обликуван од постојаниот дијалог меѓу архитектурата, инженерството и природата.

Низ изложбата, Јапонија се открива низ поинаква перспектива преку приказни за истрајност, снаодливост, креативност и културно богатство вградени во нејзиниот простор.

На изложбата се претставени и некои од највлијателните имиња во современата архитектура и дизајн. Меѓу нив се добитниците на Прицкеровата награда Шигеру Бан и Арата Изозаки, како и Кенго Кума, Јошио Танигучи, Тадао Андо и, секако Кензо Танге – творци чии дела оставиле траен белег врз светската архитектонска и културна сцена. Кензо Танге е, патем, значаен и за архитектурата на постземјотресно Скопје, бидејќи според неговиот предлог е работен урбанистичкиот план за Скопје по земјотресот од 1963.

Осумдесетте проекти на изложбата „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“ се изложени на структури што потсетуваат на оригами – преклопени, аголни и понекогаш кубични форми изработени од шперплоча, внимателно распоредени на подот во МСУ во распоред што потсетува на стилизирана карта на јапонскиот архипелаг и неговите четири главни острови: Хокаидо, Хоншу, Шикоку и Кјушу.

Изложбата ќе биде отворена до 16 септември.