Горан Таневски по објавувањето на сингловите „Wish a man“ и „Среќен ден“ го објави албумот „Ascend“, кој е достапен на стрим сервисите. „Ascend“ е првиот албум од трилогијата „Среќен сум дури и без себе“ поделен во три фази од животот на авторот. На албумот, покрај двата објавени синглови, има уште седум, досега необјавени песни.
– Сеќавајќи се на мојата младост од една дистанца, се обидов да ги разберам и музички да ги насликам чувствата, амбиентот и целта на една животна етапа. Бев сигурен дека младиот човек „размислува“ со интуиција, срцето и дел од телото малку пониско од папокот. После се запрашав – како е можно овие работи што овој млад човек ги почувствувал, посакал и укажал, денес да му се подеднакво важни на нараторот. „Ascend“ е првиот дел од трилогијата. Верувам дека на крајот од приказната секој ќе си донесе заклучок. „Ascend“ е порака секогаш да веруваме во себе и да не дозволиме да ни се загади или остари духот, вели Горан Таневски.
Таневски кариерата ја почна во јануари 1985 година во групата Мизар. Првиот албум „МИЗАР“ излезе во есента 1988 година, а истата година Таневски беше прогласен за најдобар фронтмен и вокал на територијата на поранешна Југославија. Исто така, албумот „МИЗАР“ беше прогласен за најдобар албум таа година. Во 1988 година работи на музиката за театарската претстава „РАВИ“ (режија Љубиша Георгиевски, текст Синиша Ковачевиќ) во која ја игра и главната улога. Во 1991 година излезе вториот албум на Мизар – „Свјат Дримс“. Таневски во 2000 година работи на музиката за ТВ филмот „Што сонува кучето“, а во 2008 година издаден е „Поглед кон цветната градина“ – третиот албум на Мизар.