Комеморација за Тоше Поп Симонов – ќе остане запаметен како прекрасен човек, одличен автор и луциден ум

Прекрасен човек, одличен автор, неисцрпен креативец, луциден ум…. Бројни убави сеќавања се споделени попладнево во МКЦ на комеморацијата за Тоше Поп Симонов, музичар, композитор, продуцент, аранжер и битен човек во домашната забавна музика.

На комеморацијата зборуваа 15-ина музички ѕвезди, новинари, колеги, пријатели, соработници на Тоше со кои создавал и се дружел во текот на животот и музичката кариера. Бени Шаќири, Дарио Панковски, Петар Георгиевски – Камиказа, Драган Б. Костиќ, Верица Пандиловска, членовите на К-15, Игор Џамбазов, Кирил Џајковски, Ена Веко, Фиц од „Студени нозе“, Лабина Митевска, Ристо Солунчев, Џина Папас Џокси… Сите имаа чудесни сеќавања за Тоше Поп Симонов.

-Никогаш нема да се навикнам за Тоше да зборувам во минато време, беше ваков или беше онаков. За мене Тоше останува во сегашно време. Тој е нашиот Квинси Џонс, најхаризматичната, најинтелигентна, најпродуховена и најдуховита личност што сум ја запознал во животот, човек, човечиште, другар. Пола од моите најголеми хитови се или продуцирани или аранжирани од него или, пак, тој го напишал текстот – рече Дарио.

Драган Б. Костиќ ги спореди гитарските вештини на Поп-Симонов со оние на Гери Мур, а Ивица Стојановски-Фиц, некогашниот член на „Студени нозе“ раскажа дека Поп-Симонов прв му дал шанса да пее – како пратечки вокал на Ристо Самарџиев во студио. Потоа се случи феноменот „Студени нозе“.

-Тоше беше целина од појава и однесување до интелигенција, и сталожен и мудар, што се одрази во неговата музичка професија. Знаеше да процени што ѝ треба на публиката и за што е спремна во одредено време. Соработката со него беше секогаш интересна, проследена со мудрости и хумор. Беше и великодушен, ме вовлече во неговото музичко друштво со широки раце. Се грижеше за мене како за свое дете, за мене беше учител, музичар и вујко – раскажа Ена Веко, за чија целосна кариера во раните 90-ти беше одговорен Тоше Поп-Симонов.

Нејзиното огласување на комеморацијата беше вистинско изненадување, бидејќи долги години живее во Австралија. Преку видео-врска за Тоше зборуваа и Верица Пандиловска од Холандија и „Фрајле“ од Нови Сад.

Настанот симболично е организиран во МКЦ, токму на местото каде што Тоше ги направил своите први посериозни музички чекори и ги забележал првите успеси во далечната 1980 година како гитарист на тогашната  џез-рок/симфо-фјужн група  „Пост скриптум“ во која, покрај него на гитара, членуваа врвни музичари како Кирил Џајковски на клавијатури и Љупчо Трајковски Фис на бас.

Тоше Поп Симонов ќе остане запаметен како врвен гитарист кој суверено ги владееше сите стилови и музички жанрови, за потоа да прерасне во еден од најсодржинските автори и пред се врвен музички продуцент, со кој соработуваа најголемите имииња во историјата на македонската популарна музика.

Почина на 19 април. Имаше 62 години.