Колективот Hot Jazz Orchestra ја рекомпонира песната ,,Ела си в кревет” на групата „Фолтин“ и и даде нов, различен призвук или, како што велат момците од „Фолтин“ покажа дека песната знаела барем уште еден јазик.
„Ела си в кревет“ е дел од проектот „Foltin Re:Composed“, кој во чест на трите децении од постоењето на „Фолтин“ резултира со албум од нови преработки и интерпретации на познати композиции на оваа група, изведени од разни музичари и пријатели од Македонија и регионот.
Проектот започна во летото оваа година со неделни дигитални објави, а најавено е и физичко издание на винил во соработка со Password Production.
Hot Jazz Orchestra за албумот „Foltin Re:Composed“ ја одбраа „Ела си в кревет“.
-Ја соблекоа од нејзините вообичаени звуци, облекувајќи ја во нови носталгични, свилени тонови. Познатата приказна дише со нов ритам, а сепак срцето ѝ чука исто – велат фолтиновци.

Хот Џез Оркестар е колектив од независни музички инструменталисти споени со заеднички ентузијазам за жешките синкопирани звуци на раниот џез, а Бранислав Николов или Пијан Славеј гостува како нивен вокал или ротирачки член.
Во оваа изведба на „Ела си в кревет“ Хот Џез Оркестар го сочинуваат: Иво Солдатовиќ – кларинет и придружни вокали, Бојан Петков – електрична гитара, придружни вокали и аранжман, Андреј Момировски – гитара, Александар Ниниќ – туба и Бранислав Николов – вокал.
Песната е снимена во студиото на Бојан Филиповски – Глуми, во продукција на Хот Џез Оркестар и Бојан Филиповски.
Хот Џез Оркестар се исклучително активни во последните три години настапувајќи во разни формации, проширени и со други музичари како Филип Динев, Пенче Кралев, Ристе Ивановски и др. Можете да ги слушнете во Кафанче, кафе и филм „Котур“, коктел барот Јаззбина и на многу други места низ земјата.
Инаку, во албумот „Foltin Re:Composed“, во кој поканетите музичари избраа по една песна од репертоарот на „Фолтин“ и ја претставија низ сопствен музички сензибилитет, учествуваат и „Суперхикс“ со песната „Несоница“, „Паркети“ со „Archimed“, Васил Хаџиманов со „Прсти прсти“ и др.