Легендарниот бенд Електрични оргазам го претставува новиот студиски албум „U magli sjaj“, кој веќе е достапен во продажба.
Новото издание пристигнува по осумгодишна пауза од албумот Gde smo sad и носи звук и енергија најблиски до култните изданија Distorzija (1986) и A Um Bum (1999), потпирајќи се на сурова енергија, гаражен рок звук и директен авторски израз.
Албумот има 14 нови песни, а беше најавен со синглот Iza vremena, моќна и енергична песна што потврдува дека Електрични оргазам и понатаму звучи бескомпромисно, автентично и свежо.
„U magli sjaj“ е снимен во текот на 2025 година во студиото Клиника Петровиќ под снимателската палка на Иван петровиќ. Миксот на албумот е реализиран кон крајот на минатата и почетокот на оваа година во Студио О, додека ремиксот го потпишува Оливер Јовановиќ. Продуцент на албумот е Сршан Гојковиќ Гиле.
Визуелниот идентитет на изданието го обликуваше Дарко Кујунџиќ, користејќи ги цртежите на Гиле и фотографиите на Брајан Рашиќ, додека мастерингот го потпишува Горан Мартинац.
На албумот гостуваат повеќе музичари, меѓу кои особено се издвојуваат Зоран Костиќ Цане од Партибрејкерс и Аница Добра, со која ја снимија песната Gdje je Barbara sad. Токму таа песна ја избраа за следниот сингл и спот, кои ќе бидат претставени следната недела.
Од почетокот на минатата година Електрични оргазам повторно функционира како квартет, по заминувањето на клавијатуристот Љубомир Ѓукиќ. Албумот е снимен во состав: Срѓан Гојковиќ Гиле, Бранислав Петровиќ Банана, Зоран Радомировиќ Шваба и Благоје Недељковиќ Паче.