Амбасадорот на македонската песна Казухиро Котецу – реинкарнација на Јонче Христовски

Дека Златната бубамара за амбасадор на македонската култура отиде во вистински раце беше јасно истата секунда кога јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу стапна на сцената и ги отпеа воведните стихови на хитот „Ако умрам ил загинам….“ на Јонче Христовски.

Публиката во преполната сала „Борис Трајковски“ на нозе и со ритмичен аплауз го проследи настапот на Котецу, кој во духот на настапите на Јонче Христовски, во финалето на изведбата клекна на колена, го слече светкавото палто и го фрли во публиката.

Еуфорични беа аплаузите за Котецу, човекот кому, како штo вели самиот, македонската песна му го излечила срцето. Тој негува голема почит кон македонските пејачи, особено кон доајените Јонче Христовски, Александар Сариевски, Кирил Манчевски и Васка Илиева. Врската со македонската музика , која подолго време ја истражува, не е само професионална, туку и длабоко лична и емоционална, а посветеноста и страста со кои ја исполнува го прави вистински – дипломат од кариера.