Најпопуларната манифестација на домашната сцена „Златна Бубамара на популарноста“, ќе се одржи на 19 февруари, во арената „Борис Трајковски“. Под мотото „Вештачка интелигенција за Владата, природна забава за народот“ и годинава ќе има одлично шоу со многу гости и добро осмислена сатира, најави организаторот и сопственик на радио „Бубамара“, Ранко Петровиќ, во утринската емисија „Слободен печат“.
– Ние немаме само 27 златни „Бубамари“, туку ако гледаме и колку време траеле, дека секоја траела двојно повеќе од што треба, значи како да сме направиле 52. Бидејќи ова е единствен настан каде што се вложува во толку голема продукција, озвучување, осветлување, огромен оркестар, целата работа се подготвува повеќе од 4 дена, некогаш ми е криво да не архивираме некоја музичка точка и да остане за Македонија за во иднина. Кога веќе е ставена цела таа продукција, жално е да не го снимиме тоа и да остане заборавено. Можеби тие последните 15 минути, некој ги памти и ги раскажува, но затоа, тоа што се случило претходните 4 часа, е многу убав филм што се доживува само во живо – вели Ранко.
Иако не сака да открива детали во врска со тоа што ќе н очекува ова издание на Бубамара, Ранко најави дека ќе имаме одлична и природна манифестација направена од душа.
– Оваа година ќе биде многу интересно, одиме под мотото „Златна бубамара на популарноста, жирант за добра забава“. Мислам дека се разбира што сакаме да кажеме, кога се употребуваат жиранти и кој требат да плаќа кредити, а кој се задолжува. А втората варијанта, главното мото на оваа „Златна Бубамара на популарноста“, како што е направен и постерот е „Вештачка интелигенција за владата, а природна забава за народот“. Многу се зборува сега за вештачка интелигенција, еве и Америка и Трамп сакаат да инвестираат 500 милијарди долари за вештачка интелигенција, а мислам дека на луѓето овде во Македонија и на сите телевизиски гледачи во светот и дијаспората им треба една нормална, природна забава, што е создадена за душата на човекот. Затоа постои музиката, хуморот, претставите, убави вицови и сè што треба, така што ова ќе биде многу природна убава „Златна Бубамара на популарноста“ – изјави Ранко.
Ранко е еден од ретките поединци во Македонија, кој сѐ уште верува во нашата култура и уметност, со кои, како што вели можеме да се носиме со најголемите имиња во светот, а Бубамара е настан кој го докажува тоа.
– Всушност тоа е поентата на Бубамара, дека Македонија не е земја каде што немате Универзална сала, дека не е земја каде што го имаме секогаш убедливо најзагадениот град во светот, не е земја каде што сите фабрики можат да те трујат, и рудници каде што се става сѐ и сешто, туку напротив, дека е земја каде што може да се одржи културен настан, каде што има убави луѓе во публиката, и тие исти луѓе сакаат да се борат за некои поубави вредности. И кога гледаат луѓе во Америка, наши иселеници, но и сите други на Балканот, си велат: „Еј ова е Македонија“. Значи ние не сме последна паланка, но во културата сме број еден – вели Ранко.
Интервјуто на Ранко Петровиќ можете да го прочитате на следниот ЛИНК.