Долготрајни овации за Влатко Стефановски на концертот во Белград

Македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски прослави 50 години кариера со одличен тричасовен концерт во преполниот „Сава центар“ во Белград каде гости му беа музичарите Мирослав Тадиќ и Златан Стипишиќ Џибони.

„Искрено ви благодарам што го наполнивте „Сава центар“  и што ме поддржувате повеќе од 50 години“, рече Стефановски, откако сам го отвори концертот со акустична гитара и „Приспивна за Радмила М.“

Потоа му се придружи легендарниот гитарист Мирослав Тадиќ, а заедно ги отсвиреа „Дафино вино црвено“, „Македонско девојче“, „Еј момче охриѓанче“ и „Бог да ги бие дебрани“ и беа наградени со громогласни овации.

Тогаш се крена завесата зад која беше бендот „Влатко Стефановски трио“, со тапанарот Јан Стефановски и басистот Иван Кукиќ, кои свиреа и песни од „Леб и сол“.

Следен гостин беше познатиот кантавтор од Сплит, Златан Стипишиќ Џибони, кој ги испеа сите негови хитови заедно со Влатко Стефановски.

Влатко Стефановски, најголемиот Македонец во 20 и 21 век и мој пријател“, рече Стипишиќ.

Концертот заврши со легендарните песни „Учи ме мајко, карај ме” и „Скопје“.

 

Фото:Tanjug/Nemanja Jovanović