ФЕСТИВАЛОТ МАКФЕСТ ПО 39. ПАТ ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 25 И 26 ОКТОМВРИ ВО ШТИП

Фестивалот Макфест годинава ќе се одржи на 25 и 26 октомври на сцената во Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип каде ќе се претстават над 20 изведувачи, во двете фестивалски вечери, во петок и сабота.

Оваа година композициите ќе бидат проследени со оркестар во живо. Штип ќе биде повторно центарот на македонската забавна музика овој викенд.

Уметничкиот директор на „Макфест“ Роберт Саздов вели дека рекордениот број пријавени песни за учество на фестивалот само ја потврдува големата заинтересираност и кај естрадата и кај јавноста.

-Претпоставувам дека го направивме најдобриот избор од песни. Оваа година има рекорден број пријавени песни. Ако лани имаше 55 песни, оваа година има пријавено 76 песни, вели Саздов.

Александар Арсовски, кој е вклучен во реализацијата на Фестивалот „Макфест“ вели дека деновиве се поставува и сцената и се очекува масовна посетеност на Фестивалот. Тој додаде дека оваа година ќе биде без награди, а ќе се претстават познати имиња од македонската естрада.

Јован Јованов истакна дека целта е да се негува фестивалот и да остане на идните генерации. На таков начин се добиваат нови мелодии, нови песни и нови имиња на музичката естрада.

-Тоа беше целта, фестивалот да остане на идните генерации и треба да го негуваат исто како што и ние сме го негувале и затоа се инволвирани и нови имиња и нови автори и да направиме една свежина. Задоволен сум иако ни е ограничен бројот на автори и изведувачи од нашата естрада, вели Јованов.

Ние Ве потсетуваме на Хелена Благне, првата победничка на МАКФЕСТ во 1986 година и песната КОГА ТЕ НЕМА.