Нови и моќни вокално-инструментални фанк њу поп-џез композиции на Михаил Парушев ќе можат да се слушнат на вечерва од 20:30 часот, во „Станица 26“ во Скопје. Станува збор за материјали од новиот музички проект со наслов „За арно, за убаво“ на авторот Михаил Парушев, кој е тапанар и лидер на „Парусион груп“.
Михаил Парушев, тапанар и композитор, оваа година слави 40 години јубилеј од првиот настап. Во неговата долга и плодна кариера бил член на легендарните македонски групи Талични Том, Сет, Октавијан, Архангел, Влатко Стефановски Трио, а во 1999 година, заедно со Ѓоко Грујовски,Иван Бејков и Емин Џијан ја формираат групата Проект Жлуст. Парушев, во 2001 година се сели во Загреб и почнува да свири со врвни музичари од Хрватска и Словенија. Од 2010 година е член на Леб и Сол, а паралелно работи на својот авторски проект Парусион.

