3 септември е денот за „Кукла жива“ – Тамара Тодевска со нов визуелен албум

Тамара Тодевска на 3 септември во Скопје ќе го промовира својот нов албум „Кукла жива“, проект кој носи 10 песни и 10 визуелни приказни.

Од тимот на Тодевска албумот го најавуваат како прв визуелен албум во Македонија, а самата пејачка го опишува како нова ера во нејзината кариера.

Музиката и текстовите се дело на Тамара Тодевска и Коста Петров, додека аранжманите и музичката продукција се на Џијан Емин. Албумот е снимен со живи инструменти, а песните се инспирирани од различни периоди од животот и музичката кариера на Тодевска.

Веќе беа објавени неколку песни од проектот, меѓу кои „Драма квин“, „Кукла жива“ и „Дива“. Визуелниот дел на албумот го режира Мартин Трајановски.

Промоцијата на албумот ќе биде само вовед во уште еден голем настан. На 3 октомври, Тамара ќе одржи голем солистички концерт во арената „Борис Трајковски“, со кој ќе одбележи 25 години музичка кариера.

На концертот ќе настапи со оркестар предводен од Џијан Емин, а покрај песните од „Кукла жива“, публиката ќе ги слушне и нејзините најголеми хитови. Настанот е најавен како големо аудиовизуелно шоу со музичари и танчари.

Албумот „Кукла жива“ го издава „Адриатика рекордс“.