Др Неле Карајлиќ, член на групата на „Топ-листа надреалиста“ и фронтмен на музичките групи „Забрањено пушење“ и „The No Smoking Orchestra“ го објави својот прв соло-албум, насловен „Пијан брод“ и – урнебесен е!

Со 12 песни со неверојатна енергија, со промислени текстови, истовремено критички и смешни, албумот „Пијан брод“ е виден како пресвртница во неговата досегашна кариера. Ама, Неле Карајлиќ не го мисли на тој начин. Во интервју за српските медиуми вели – публиката може да го очекува во албумот тоа што ќе го пронајде во него.
А, во „Пијан брод“ може да се најдат урнебесни звуци и исто толку креативно откачени видео-приказни за нив, кои Неле Карајлиќ ги режирал самиот со помош на вештачка интелигенција. Сите се крајно необични со блага надреалистичка нишка.
– Вештачката интелигенција ја користевме умно – вели Карајлиќ.
За него користењето на новите технлогиии не е веќе новост, но важно е, вели, како тие се користат. За музиката на овој албум соработувал со нови, помлади музичари.
-Го пуштивме духот од ламбата и тој излезе надвор. Некои од овие песни ми се во главата со години, а некои настанаа скоро. Ги работевме една година во студио – со соработници со кои одлично се разбиравме – вели др Неле.
За разликата од претходните албуми и овој прв негов соло албум, Карајлиќ вели:
– Разликата е во тоа што досега работев во чопор. Тоа ни беше некоја природна состојба да сме во група и заеднички да туркаме. Сега се создаде некој поинаков систем – како да бев режисер на некоја претстава. Носев одлуки, а другите ме слушаа. Порано никој никого не слушаше, а сега постоеше одредена субординација помеѓу авторот на музиката и оние што ја изведуваат.
Во креативниот свет на Неле Карајлиќ границите помеќу музиката, литературата и телевизијата се многу пропустливи, а баш тие нивни заемни влијанија се препознаваат и во албумот „Пијан брод“.
Дали албумот ќе има и концертна промоција – не знае. Вели одамна веќе престанал да прави долгорочни планови. И бега од голем број настапи, не поради физички умор, туку затоа што му е здодевно.
– Веќе и не слушам музика.Понекогаш ќе пуштам некоја своја стара песна и ќе се изненадам колку е добра. Да слушам почесто – не би се изненадувал.
„Пијан брод“ инаку е и наслов на поема од Артур Рембо, напишана во 1871 година која се смета за револуционерна по својата употреба на фантастични контра-позиционирани слики и симболи.