Новиот албум „Začarani krug“ на Иван Кукиќ носи 11 авторски песни, а меѓу гостите е и Раде Шербеџија

Македонскиот кантавтор, мултиинструменталист и продуцент Иван Кукиќ го претстави својот нов студиски албум „Začarani krug“ – музичко издание со единаесет авторски композиции кое го продолжува неговиот препознатлив авторски израз и музичко истражување низ различни жанровски влијанија.

По албумот „Sunday vibes“, објавен во 2023 година за Croatia Records, Кукиќ повторно соработува со најголемата дискографска куќа во регионот и носи нов материјал преку кој уште еднаш ги потврдува своите квалитети како композитор, аранжер, инструменталист и продуцент.

Како автор и продуцент на албумот, Иван Кукиќ собра врвна екипа музичари кои со своите изведби дополнително го обликуваат и збогатуваат звукот на изданието.

Покрај Кукиќ, кој на албумот свири бас-гитара и акустична гитара и ги изведува вокалните делници, учествуваат и Зоран Трендов на гитара, Влатко Сапламаев на клавијатури, Марјан Стоилов на тапани, Стојан Иванов на перкусии, Слободан Кржев на ритам-гитара, како и саксофонистот Кирил Кузманов.

Дополнителна тежина и посебен печат на албумот му даваат гостинските музичари. Кирил Кузманов гостува на песната „Одам“, Васко Тодоров се појавува во композицијата „Без компас“, додека во песната „Молитва за љубав“ учествува легендарниот актер и поет Раде Шербеџија.

Албумот е мастериран од Борис Шурлан во Midnight Studio. Насловната фотографија е дело на Георги Кончалиев, а ликовното обликување го потпишува Оскар Пигац.

Иван Кукиќ со музика се занимава од најрана возраст, а веќе долг период е активен и како басист во составот Влатко Стефановски Трио. Покрај концертните настапи со Влатко Стефановски, паралелно го развива и сопствениот авторски правец, препознатлив по спојот на рок, џез, world music и современ кантавторски израз.

Албумот „Začarani krug“ е достапен како CD издание и може да се нарача онлајн.