Бендот на браќа Нуне ја претстави својата нова песна „Љубов, што е љубов“, проследена со видео запис кој од вчера е достапен за публиката. Станува збор за првиот промовиран спот од двата нови авторски албуми „Љубов“ и „Верувај ми“, проекти на кои музичарите работеле во изминатиот период и кои носат вкупно 16 нови композиции.
Песната „Љубов, што е љубов“ носи емотивна приказна за љубовта, секојдневната блискост и чувството на припадност, а зад музиката и текстот стои Филип Нуне, додека аранжманот го потпишува Роберт Билбилов. Видео записот и монтажата ги реализираше Никола Наумовски.

Во проектот учествуваат Филип Нуне на труба, Раде Нуне на саксофон, Мими Јовановска и Драги Лазев како вокали, Роберт Јосимовски на клавијатура и Слободан Геровски на ударни инструменти.
По повод промоцијата, вчера беше одржана и прес-конференција со новинарите и медиумите, на која бендот ги најави своите идни планови, како и големата концертна промоција што е закажана за септември. На настанот беа претставени и првите два видео записи од новите албуми, меѓу кои и „Љубов, што е љубов“.
Од бендот велат дека ова е само почеток на една нова музичка приказна, а на публиката ѝ се заблагодарија за поддршката што им ја дава низ годините.