Во период кога концертните сали низ Македонија се исполнети со емоции, аплаузи и публика што заедно со неа ги пее најголемите хитови, Бојана Скендеровски не запира. Бојана носи нова музичка приказна, песната со наслов „Оди си“.
Станува збор за композиција што уште на прво слушање носи ритам, став и енергија, но и препознатливата емоција што Бојана ја носи со себе на сцената. Автори на песната се Александар Тарабунов, кој ги потпишува музиката и текстот, и Димитар Андоновски како автор на аранжманот – тандем кој веќе важи за сигурен рецепт за современ домашен хит.

„Можеби низ годините публиката ме препознаваше повеќе преку баладите, но „Оди си“ е песна што навистина многу личи на мене. Има темперамент, има движење, има енергија. Тара и Диме ме познаваат доволно добро за да знаат што чувствувам и што сакам да пренесам преку музика и токму затоа оваа песна ми е толку блиска“, вели Бојана.
Видеоспотот е снимен во Тирана, под капата на „Скендеровски продукција“, а целата приказна носи модерен звук со автентичен балкански сензибилитет, комбинација што лесно влегува под кожа.
„Ова е женска песна. Не во смисла на инает, туку во смисла на сила, став и емоција. Песна што ќе те натера и да запееш, и да заиграш, ама можеби и да се пронајдеш во неа. Верувам дека токму затоа ќе ѝ се допадне на публиката“, искрено додава Бојана.
Во време кога нејзината концертна турнеја носи сè повеќе публика и силни реакции, „Оди си“ доаѓа како природно продолжение на енергијата што Бојана ја живее на сцената – песна создадена да се почувствува, да се пее гласно и да стане дел од концертната магија што ја носи со себе.