„Ако веруваш во себеси и во своите соништа, со труд и работа од гасеница можеш да станеш пеперутка“ – ова е силната порака што стои во срцето на мјузиклот „Као какао“, чија премиера се одржа синоќа во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје.
Мјузиклот е инспириран од музичкото творештво на Влатко Стефановски и култниот албум „Као какао“ на групата „Леб и сол“ од 1987 година, едно од најзначајните изданија во историјата на југословенската рок сцена. Насловната песна останува една од најпрепознатливите и најпопуларните композиции на бендот.
Режисерот Дејан Пројковски уште при најавата на проектот истакна дека ова дело ја носи „душата на старото Скопје“, град кој во оваа приказна е прикажан низ носталгија, спомени и изгубена емоција.

Во центарот на приказната се ликовите Дона и Џими, чија љубовна приказна започнува во Скопје со рокенрол дух и продолжува како патување исполнето со соништа, музика и стремеж кон нови хоризонти.
Публиката ја награди целата екипа со долги аплаузи и овации, потврдувајќи ја силната емоција и впечаток што го остава претставата.
Песните на Стефановски, создадени во различни периоди од неговиот живот, добиваат нов сценски живот преку современите аранжмани на Бобан Мирковски, останувајќи верни на својот препознатлив дух.
Иако мјузиклот не е директна биографија, многу елементи од патот на младиот Џими – од Тафталиџе до големите сцени – асоцираат на инспирацијата што стои зад музиката.
На крајот од претставата, авторската и актерската екипа беше испратена со неколкуминутни овации, додека продукцијата најавува и идни изведби низ регионот. Втората премиерна изведба е закажана за вечерва ( 3 јуни ) во Македонскиот народен театар. Репризите се закажани на 11 и 12 јуни.