Македонската музичка сцена овие денови е во знакот на Влатко Стефановски, кој заедно со „Кроација рекордс“ ги промовираше своите две најнови албумски изданија – „Guitar Sings“ и „Muscle Memory“.

Скопската промоција следува по неодамнешното претставување на албумите во Сплит, каде Стефановски ја доби престижната награда „Porin Special Merit Award“ за особен придонес во хрватската музика.

Претставниците на „Кроација рекордс“ – Клаудија Чулар, Маја Видмар Клариќ и Иван Бечковиќ – истакнаа дека Стефановски со децении создава автентичен музички израз во кој се преплетуваат етно, џез-фјужн, рок и блуз, инспирирани од македонската традиција, со што се вбројува меѓу најценетите гитаристи во регионот и пошироко.
Новиот студиски албум „Muscle Memory“, кој наскоро ќе излезе и на винил (14 мај) содржи девет композиции – пет вокални и четири инструментални, а на него гостуваат Звјездан Ружиќ, Дамир Имери, Горан Папаз, како и членовите на неговото трио Јан Стефановски и Иван Кукиќ.

Албумот доаѓа веднаш по инструменталното издание „Guitar Sings“, на кое Стефановски ги интерпретира најголемите хитови на Ѓорѓе Новковиќ во соработка со Лондонскиот симфониски оркестар.
„Кроација рекордс“ неодамна објави и винилни реизданија на култните албуми на „Леб и сол“ – „Као какао“ и „Путујемо“.
Стефановски се присети и на својата прва соработка со тогашен „Југотон“ во 1983 година, нагласувајќи дека компанијата со децении има разбирање за неговите музички идеи и експерименти.
– Јас сум гитарист што пишува песни, но и поет што свири гитара. Тие два принципа кај мене постојано се надополнуваат – изјави Стефановски, додавајќи дека „Muscle Memory“ е негово 39-то издание како автор.

Промоцијата заврши во одлична атмосфера, кога легендарниот гитарист на мала акустична гитара ја изведе „Чукни во дрво“ од албумот „Путујемо“, поздравен со силен аплауз од присутните.
Пред официјалните промоции во Сплит и Скопје, Влатко Стефановски премиерно го претстави албумот „Muscle Memory“ во специјална емисија на Радио Бубамара, каде заедно со нашата Јасна Франговска зборуваше за новите песни, музичката инспирација и процесот на создавање на албумот.
