Владо Георгиев гостуваше во Радио Бубамара и најави спектакл во Скопје

Црногорскиот кантавтор Владо Георгиев повторно е во фокусот на македонската публика во пресрет на големиот концерт што ќе се одржи на 24 април во СЦ Јане Сандански, во рамките на турнејата „Господски“.

По прес-конференцијата што се одржа во Скопје, Георгиев гостуваше и во студиото на Радио Бубамара, каде во разговор со Јасна Франговска откри интересни детали од својот креативен и музички свет.

Тој сподели дека песните најчесто ги создава ноќе, кога има мир и тишина, а евоцираше и емотивни спомени за легендарниот Оливер Драгоевиќ, откривајќи дека постоела идеја за дует која, за жал, никогаш не се реализирала – песната сè уште ја чува „во фиока“.

Георгиев најави дека и овојпат ќе остане доследен на својот стил – голем бенд, спектакуларна сценографија, изненадувања и публика која, како што вели, е „вистинска господа“.

„Затоа и направив таква турнеја… танчерките се убаво облечени, стилизирани, доаѓам со мојот голем бенд, се трудам да не отстапам од тој квалитет, никогаш не отстапувам“, истакна тој.

Дополнително, откри дека сцената ќе биде поставена во 360 степени, што ветува поинакво и посебно концертно доживување.