Camping Ljubanista на 8 август беше претворен во вистинска музичка сцена под отворено небо, каде што езерската атмосфера, топлата августовска ноќ и одличната музика создадоа вечер за паметење.
Концертната програма започна со DJ Face, кој со својот сет го испрати зајдисонцето и ја подготви публиката за главниот музички настан. На сцената потоа настапи Владимир Четкар, кој со својата авторска музика, препознатливиот звук и непосредната комуникација со публиката приреди спектакуларен концерт.

Четкар беше пречекан со огромна поддршка од публиката, а енергијата меѓу музичарот и присутните траеше во текот на целата вечер. Барањата за бис беа неизбежни, па концертот продолжи со неколку дополнителни изведби, меѓу кои и легендарната охридска „Ој Зарино“, со која беше заокружен концертниот дел.
Но, музичката вечер во Љубаништа не заврши тука. По концертот, DJ Chvare продолжи со одличен хаус сет и ја задржа публиката во ритамот до доцните часови.
Посебно впечатлив беше и начинот на кој дел од гостите пристигнаа на настанот – со бродови од Охрид, претворајќи го патувањето до Љубаништа во дел од целокупното доживување.
По концертот, Владимир Четкар упати благодарност до публиката и до Camping Ljubanista, истакнувајќи дека вечерта била спектакуларна и дека посакува оваа волшебна ноќ во Љубаништа да стане традиција секоја година.

Со оваа музичка вечер, Camping Ljubanista уште еднаш покажа дека во текот на летото не е само место за одмор и уживање покрај езерото, туку и простор за уникатни културни и музички доживувања кои долго се паметат.
Photos by Goran Momiroski