Нема да чекам толку долго за да дојдам повторно, и вети хрватската поп-пејачка Весна Писаровиќ на воодушевената публика на крајот на одличниот концерт одржан викендов во Македонската филхармонија.
-Јас малку ви побегнав во џез – го објасни Весна своето неколкугодишно отсуство од сцената, минато во изучување на џезот, што на нејзините поп-изведби им дава сосема нова и поинаква димензија.

Шармантна пејачка и вистинска уметница на создавање атмосфера, Весна одржа 2-часовен концерт, кој публиката главно го мина на нозе пеејќи ги заедно со неа нејзините големи хитови: „Да знаш“, „Јутро доноси дан“, „Сасвим сигурна“, „Доље на кољена“, „Нитко није крив“ и други.
-Толку прекрасно пеете, толку музички точно и унисоно, прекрасно – и возврати Весна на публиката.
Познатиот дует „Љубав је религија“ со Владо Јаневски, специјалниот гостин на нејзиниот концерт, го отпееа во хрватската верзија, но затоа Весна постојано се заблагодаруваше на македонски и на крајот на концертот ја отпеа македонската народна песна „Јано мори севдалино“, со што ни откри уште еден нејзин музички афинитет на кој работи во последниов период – етномузика.

Тој необичен меланж на поп-музика, етно-призвук и џез-изведба го направи сценскиот настап на Весна Писаровиќ вистинска ударна доза задоволство и мерак.
Овој концерт покажа зошто ниту една добра журка во поширокиот регион не може да мине без нејзините хит-песни и зошто е толку популарна на хрватската сцена.
