Документарниот филм „Добри луѓе“ на режисерот Милчо Манчевски имаше емотивна светска премиера на 32. Сараевски филмски фестивал, каде што беше прикажан во официјалната документарна конкуренција.
Филмот се навраќа на трагедијата во Кочани и преку директните сведоштва на преживеаните и луѓето кои помагале во спасувањето на жртвите ја раскажува приказната за несреќата во дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 млади луѓе.

По завршувањето на проекцијата, во салата настапила неколкуминутна тишина. Таа потоа била прекината со силен аплауз од публиката.
„Во оваа громогласна тишина се собра сета тага на Кочани што ја почувствува светот“, изјави Манчевски по премиерата.
На разговорот со публиката, кој го водела селекторката Рада Шешиќ, учествувале режисерот Манчевски, директорот на фотографија Иван Ивановски, како и дел од преживеаните од пожарот.
На проекцијата присуствувал и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој дошол од почит кон авторот, иако филмот не добил државна финансиска поддршка.

„Добри луѓе“ бил снимен само еден месец по трагедијата, со минимални ресурси и без финансиска поддршка од Агенцијата за филм. Проектот е реализиран со приватни средства, со цел да се создаде директен и објективен документ за случувањата.
Токму минималистичкиот пристап бил издвоен и од селекторката Шешиќ, која оценила дека тој му овозможува на гледачот непосредно да се соочи со фактите.
Манчевски во интервју за „Варајати“ објаснил дека филмот намерно е направен „аскетски и строг“, без филмски постапки кои би можеле да влијаат врз емоциите на гледачот. Главната цел, како што нагласил, била преживеаните да добијат простор да зборуваат, а нивните искуства да останат трајно сведоштво за идните генерации.
Филмот веќе привлече внимание и кај меѓународната филмска критика. „Варајати“, „Синеуропа“ и регионални медиуми објавија позитивни осврти.
Критичарот Владан Петковиќ за „Синеуропа“ посочил дека луѓето во филмот не се претставени како симболи, туку како вистински личности, што преку нивните сведоштва ги отвора и пошироките прашања за доброто и злото.
Во интервју за српскиот весник „Данас“, Манчевски истакнал дека болката и тагата не познаваат граници и дека вистинските херои често се обичните, добри луѓе.
За „Блиц“, пак, зборувал за границата при прикажувањето на туѓата болка, нагласувајќи дека таа граница ја одредуваат оние кои самите живеат со таа болка.
„Добри луѓе“ е реализиран преку „Банана филм“, во соработка со иницијативата „Сапорт Кочани“. Авторскиот тим се откажал од секаква добивка, а приходите од прикажувањето се наменети за помош на жртвите и нивните семејства.
Монтажата ја потпишува Мишко Чунихин, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.
По светската премиера во Сараево, филмот ќе биде прикажан и пред македонската публика. „Добри луѓе“ е на програмата на фестивалот „Македокс“ во Скопје на 23 август.