Музички вести

АКТЕРИТЕ СОЊА МИХАЈЛОВА, СНЕЖАНА КОНЕСКА-РУСИ И ГОЦЕ ТОДОРОВСКИ НАГРАДЕНИ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ОД ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“

todayMay 7, 2025 40

Background
share close

Актерите Соња Михајлова, Снежана Конеска-Руси и Гоце Тодоровски се годинашни добитници на наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Педесет и деветотто издание на Фестивалот ќе се одржи од 6 до 13 јуни, под мотото „Смеј се и осмели се“, најави денеска уметничката директорка Ана Стојаноска.

Стојаноска рече дека за ова издание на фестивалот, од одгледаните претстави (и во институционалните театри и од независната продукција) се воспоставил впечатокот дека доминираат оние во кои може да се препознаат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција.

„На репертоарите во македонските театри повторно може да се забележи разногласие во однос на изборот и стилот на театарската продукција. За пофалба е поставувањето на неколку драми од македонски автори, со што конечно може да се види и дел од идејата за етаблирање на домашната драма. Во ова издание на фестивалот може да се препознаат и повеќе доминантни музички креации, кои и тоа како треба да бидат акцентирани, наградени и валоризирани“, кажа Стојаноска.

Во официјалната селекција се претставите: „12“ во режија на Синиша Евтимов, продукција на Македонски народен театар (МНТ), „Парови“  на Ивана Ангеловска, Драмски театар Скопје, „Ричард Трети“ на Куштрим Бектеши, Албански театар Скопје, „Слепци“ на Ќендрим Ријани, Турски театар Скопје, „Црно семе“ на Андреј Цветановски, Народен театар Битола, „Бура“ на Џон Блондел, Народен театар „Војдан Чернодрински“ , Прилеп, „Рацин“ на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ Велес, „Сите прекрасни нешта“ на Нела Витошевиќ, продукција на Народен театар Штип и „Пар-распар“ на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија.

Во придружната програма се претстави од независната продукција: „Вампири“ во режија на Милош Б. Андоновски, продукција на „Театар за сите“  Скопје, „Снег“ на Зоја Бузалковска, продукција на „Штрих“ Скопје, „Сите најубави нешта“ на Дејан Пројковски, продукција на „ОХО продукција“, „Казабалкан“ на Дамјан Костовски, продукција на Здружение за развој на театарска продукција „Оска“ Скопје и „Ла Магбет“ на Шенај Мандак, во изведба на Хакан Даци, продукција на „Хибрид“ Скопје.

Written by: radiobubamara_editor

Rate it

Post comments (0)

Leave a reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


0%