Музички вести

Вечер на емоции и музика – романтичниот спектакл на Блаж Маротов

todayApril 23, 2025 44

Background
share close

По долго најавување и нетрпеливо очекување, вчера вечер се случи концертот на Блаж Маротов, кој ја преполни малата сала на Македонската филхармонија. Точно во 20 часот, со првите акорди на прекрасната балада „Магдалена“, Маротов го отвори романтичниот концерт кој веднаш создаде интимна и емотивна атмосфера.

Публиката топло и со огромно воодушевување го дочека секој нов тон. Блаж Маротов, благодарен за присуството на сите љубители на неговата музика, емотивно им се обрати велејќи дека оваа вечер ќе остане запаметена како мал дел од историјата на македонската музика.

Посебен момент на концертот беше претставувањето на оркестарот што го придружуваше, во кој значајно место имаа неговите два сина, Бојан и Гоце, како и снаата Лена, која со нејзиниот пратечки вокал придонесе за топлината на целата вечер.

Како прв гостин на концертот се појави младиот Иван Кукиќ, синот на познатиот фолк-двоец Ленче и Горан Кукиќ. Маротов и Кукиќ заедно изведоа акустична верзија на легендарната песна „Од љубов не се бега“ од Васил Хаџиманов, која ги разнежни сите присутни и предизвика долг и искрен аплауз. Концертот продолжи со низа авторски композиции од Маротов, по што следуваше уште еден емоционален врв – интерпретација на култните хрватски песни „Није хтела“ и „Без тебе“ од незаборавниот Оливер Драгојевиќ. Маротов уште еднаш ја покажа својата исклучителна емоционалност и почит кон регионалните музички великани.

На сцената потоа му се придружи вториот гостин на вечерта, Перо Христов. Заедно ја отпеаја песната „Сношти не беше тука“, а веднаш потоа Христов ја крена публиката на нозе со својот хит „Ангелино“, создавајќи еуфорична атмосфера во салата.

За крај на оваа прекрасна музичка приказна, Блаж ја повика на сцената својата сопруга Јуле Маротова. Иако скромно напомена дека е настината, не ја одби поканата да ја сподели последната песна со својот сопруг. Нивната заедничка изведба, исполнета со љубов и поддршка, беше совршен начин да се затвори оваа незаборавна вечер.

фото: Нова Македонија

Written by: radiobubamara_editor

Rate it

Post comments (0)

Leave a reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


0%