Почина Тоше Поп-Симонов, музички автор, продуцент, аранжер, битен човек за домашната поп-сцена и почитуван соработник на многу музичари и од регионалната сцена.
Во својата плодна речиси 40-годишна кариера Тоше соработуваше со бројни изведувачи од Тоше Проески до Дарио, од „Студени нозе“ до „Меморија“, а речиси целокупната кратка, но блескава кариера на Ена Веко е целосно негова заслуга.
Замина на ден пред Велигден, симболично потсетувајќи ја сцената дека една од најпеените песни во овој период од годината, „На Велигден“ – заедно со Џина Папас Џокси ја снимија и комплетираа во студиото на Тоше.
Од музичката работилница на Тоше Поп-Симонов излегоа бројни песни, големи хитови кои одбележаа бројни музички кариери и многу омилени рефрени. Освен по музиката, Тоше останува запаметен како фин човек, љубезен и духовит, со кој беше подеднакво добро да се соработува и да се разговара.

Домашната естрада во неверување се простува од него. Генерална е оценката дека беше човек што допре, разигра и стопли милиони срца. Неговото срце денес не издржа.
Погребот ќе се одржи во вторник, на 22 април, на градските гробишта во Бутел.
Post comments (0)