Музички вести

Ранко Петровиќ за „Слободен печат“: Ние не сме последна паланка, во културата сме број еден!

todayFebruary 12, 2025 244

Background
share close

Најпопуларната манифестација на домашната сцена „Златна Бубамара на популарноста“, ќе се одржи на 19 февруари, во арената „Борис Трајковски“. Под мотото „Вештачка интелигенција за Владата, природна забава за народот“ и годинава ќе има одлично шоу со многу гости и добро осмислена сатира, најави организаторот и сопственик на радио „Бубамара“, Ранко Петровиќ, во утринската емисија „Слободен печат“.

– Ние немаме само 27 златни „Бубамари“, туку ако гледаме и колку време траеле, дека секоја траела двојно повеќе од што треба, значи како да сме направиле 52. Бидејќи ова е единствен настан каде што се вложува во толку голема продукција, озвучување, осветлување, огромен оркестар, целата работа се подготвува повеќе од 4 дена, некогаш ми е криво да не архивираме некоја музичка точка и да остане за Македонија за во иднина. Кога веќе е ставена цела таа продукција, жално е да не го снимиме тоа и да остане заборавено. Можеби тие последните 15 минути, некој ги памти и ги раскажува, но затоа, тоа што се случило претходните 4 часа, е многу убав филм што се доживува само во живо – вели Ранко.

Иако не сака да открива детали во врска со тоа што ќе н очекува ова издание на Бубамара, Ранко најави дека ќе имаме одлична и природна манифестација направена од душа.

– Оваа година ќе биде многу интересно, одиме под мотото „Златна бубамара на популарноста, жирант за добра забава“. Мислам дека се разбира што сакаме да кажеме, кога се употребуваат жиранти и кој требат да плаќа кредити, а кој се задолжува. А втората варијанта, главното мото на оваа „Златна Бубамара на популарноста“, како што е направен и постерот е „Вештачка интелигенција за владата, а природна забава за народот“. Многу се зборува сега за вештачка интелигенција, еве и Америка и Трамп сакаат да инвестираат 500 милијарди долари за вештачка интелигенција, а мислам дека на луѓето овде во Македонија и на сите телевизиски гледачи во светот и дијаспората им треба една нормална, природна забава, што е создадена за душата на човекот. Затоа постои музиката, хуморот, претставите, убави вицови и сè што треба, така што ова ќе биде многу природна убава „Златна Бубамара на популарноста“ – изјави Ранко.

Ранко е еден од ретките поединци во Македонија, кој сѐ уште верува во нашата култура и уметност, со кои, како што вели можеме да се носиме со најголемите имиња во светот, а Бубамара е настан кој го докажува тоа.

– Всушност тоа е поентата на Бубамара, дека Македонија не е земја каде што немате Универзална сала, дека не е земја каде што го имаме секогаш убедливо најзагадениот град во светот, не е земја каде што сите фабрики можат да те трујат, и рудници каде што се става сѐ и сешто, туку напротив, дека е земја каде што може да се одржи културен настан, каде што има убави луѓе во публиката, и тие исти луѓе сакаат да се борат за некои поубави вредности. И кога гледаат луѓе во Америка, наши иселеници, но и сите други на Балканот, си велат: „Еј ова е Македонија“. Значи ние не сме последна паланка, но во културата сме број еден – вели Ранко.

Интервјуто на Ранко Петровиќ можете да го прочитате на следниот ЛИНК.

Written by: radiobubamara_editor

Rate it

Post comments (0)

Leave a reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


0%