Музички вести

Новиот хит на Александар и Дац за „возот на љубовта“ базиран на вистинска приказна

todayDecember 15, 2023 426

Background
share close

Откако се појави неделава, новата песна „Воли ме, сакај ме“ на Александар Митевски и Драган Спасов Дац не престанува да се врти на радио-програмите. Заразна во ритамот и романтична во содржината, „Воли ме, сакај ме“ е лансирана во пресрет на новогодишните празници – кога сите наеднаш повторно почнуваме да веруваме во љубов и добрина.

„Воли ме, сакај ме“ е базирана на вистинска приказна од 1970-ите години: тогашниот студент Панче од Скопје патува со воз на екскурзија во Нови Сад и таму ја сретнува Мира. Оваа средба продолжува да се надградува во бурна и повеќегодишна преписка. Возовите јурат на север и назад на југ, а секоја нова средба на Панче и Мира ја зацврстува нивната љубов и завршува со романтичниот поздрав „воли ме, сакај ме“.

Кога ги завршиле студиите, Мира го напушта Нови Сад и поради Панче се сели во Скопје. Педесет години подоцна, се уште се среќни, вљубени и заедно. Нивната животна приказна го инспирираше создавањето на новата песна на Александар и Дац.

Дали е ова вистинска приказна или само добро срочен рефрен? Кој знае, а не е ни битно. Важно е што возовите на љубовта ја овозможиле оваа љубов, а сите секогаш, особено во пресрет на празниците, сакаме да веруваме во силата на љубовта.

Старата фотографија на двајца вљубени и насмеани млади луѓе на некоја железничка станица во Скопје, Нови Сад или во некој сосема трет град во 70-ите години е само уште едно симболична нишка во оваа романтична приказна.

Александар и Дац ни оставаат уште една неразрешена мистерија во врска со новиот хит. Кој е женскиот вокал, кој им се придружува во изведбата? Велат дека оваа мистерија ќе се разреши на 31 декември кога во “Трибека” ќе настапат на денскиот дочек на Новата година и ќе ја испеат, помеѓу другите, и „Воли ме, сакај ме“.

Автор на „Воли ме, сакај ме“ е Александар Митевски со Огнен Неделковски околу текстот и со Ташко Грујовски околу аранжманот. Продукцијата е направена во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски.

Сред празничната сезона, дуото Дац и Александар подготвија и новогодишни подароци за своите најверни фанови: нова ЦД компилација, насловена “Најдоброто од нас” со 18 нивни најголеми хитови и изведби во живо од концертот во Драмски театар, одржан на 8 март, во чест на Денот на жената, и брендирани маички со стилизирани наслови од нивните песни „Воли ме, сакај ме”, „Уште ми фалиш” и „Душа боемска”.

Видеото е подготвено од агенцијата Division, во сликовитиот амбиент на вагоните од Македонски железници

Written by: radiobubamara_editor

Rate it

Post comments (0)

Leave a reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


0%