26. Златна буба мара – со полни батерии, со полно срце и со светлина
Written by Р.Б. on март 17, 2023
Ако основното идејно мото на овогодишната „Златна Бубамара на популарноста“ беше „Да ги наполниме батериите на ефтина струја“, тогаш креативното мото на ова 26-то издание на омилената манифестација беше рефренот на Блага Петревска „Песната е да ти каже што не може – душата“. Најмногу низ песна, но и низ шега и иронија, на скапа и на ефтина струја, ја прегледавме годината што ја оставаме зад нас, не штедејќи се себеси од работа и не штедејќи ја публиката – од смеење.
Овогодишното шоу беше малку поинакво од претходните 25 изданија, но непроменета беше желба на енергетски ефикасниот штаб да се постигне добро расположение и да се прегледа, на поинаков – сатиричен, креативен и отпеан – начин нашето искуство со изминатата година на кризи и на штедења.
Идејниот творец на Златната бубамара на популарноста и лидер на енергетски ефикасниот организациски штаб Ранко Петровиќ ја најави овогодишната битка со мрачните сили на јавната сцена со слоганот на 26. Златна бубамара „Да штедиме и да не се штедиме“. При тоа не се поштеди ни себеси од самокритика.
-Имаше забелешки дека „Бубамара“ многу трае. Вечерва ќе се потрудиме да ве пуштиме дома пред да се изгасат светилките. Се потрудивме удобно да се сместите, ви поставивме и перничиња. Понесете си ги дома и донесете ги кога Универзална сала пак ќе се отвори – порача Ранко.
Долгогодишниот церемонијал-мајстор на Златната бубамара Сашко Коцев годинава, по сопствен избор, не ја водеше манифестацијата, но уредно беше спомнат од своите наследници – Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски, актери од театарот “Комедија“.
Точката во која тие ги раскажуваа приликите во МНТ, кој по неколку поплавувања слободно може да биде прогласен за пливачки клуб или за аква-парк, веќе се раскажува како зенит на хумористичниот дел на Златната бубамара. Во нивната приказна, Сашко (Коцев) плива грбно, а министерката за култура Бисера Костадинвоска – Стојчевска – гњури низ „поплавениот театар“ и се среќава со свои колеги и претходници, додека не се појави Игор Џамбазов со мокра коса и мокра брада, како Аквамен, кој во меѓувреме од планините се свртел кон водите.
-Доста му беше на Игор да оди по планини, тој сега знае каде се сите риби во морето – се пошегуваа Тино и Атанас на сметка на познатиот актер.
Водителите и церемонијал-мајсторите на Златната бубамара се менуваат, но Игор Џамбазов веќе 26 години останува константа – со своето присуство и со умеењето да се насмее на сопствена сметка. Годинава, како човек со искуство, кој, како што рече, нема црн дроб од 1993, ја додели специјалната Златна бубамара на медицинскиот тим кој во ноември минатата годна ја изврши првата трансплантација на црн дроб.
Годинава повеќе награди „златна бубамара“ заминаа за пејачи, композитори, аранжери и текстописци на народна музика. Миленичката на народната сцена Блага Петревска, Ефто Пупиновски, Миле и Ѓорѓи Барбаровски и постхумно Милан Завков се добитници на признанија за својата долгогодишна успешна работа. И како што отпеа Блага Петреска во рефренот „Песната е да ти каже што не може устата“, нивните песни не потсетија на најдоброто во народната музика, создадено низ годините во најдобрите традиции на изворната народна музика.
На фасцинантно опремената сцена на салата „Борис Трајковски“ настапија и многу други домашни и регионални ѕвезди. Златан Стипишиќ Џибони имаше одличен настап со Влатко Стефановски, со кој соработува на сите свои албуми од крајот на 1990-ите, а настапот на Мирослав Илиќ со „Божанствена жено“ беше поздравен со долг аплауз.
И сцената за овогодишната 26. Златна бубамара на популарноста раскажуваше своја приказна. Во одличното дизајнерско решение на Ласко Џуровски слоганот на манифестацијата беше претставен како сноп светлина, во чиј центар се наоѓаа сите учесници на манифестацијата. А, настапија младите надежи, пејачките Лара Иванова и Лара Трпчевска, па Сара Мејс и Кали кои потсетија на најубавите рефрени на Нина Спирова, ветеранот Јаков Дренковски, чудесниот дует на Андријана Јаневска и Наум Петревски, се до ДНК, Некст тајм, Џамбо Агушев и неговиот оркестар и групата „Меморија“.
Оваа „светлина“ од дизајнерското решение на Ласко Ѓуровски на сцената се провлекуваше суптилно и низ содржините на манифестацијата – од борбата против мрачните сили на идеологот Ранко Петровиќ до изборот на „Илуминати (Просветлени)“ како најпопуларна театарска претстава на годината. Но, можеби најсветлата точка на синокешното издание беше одличниот препев на песната за Марадона од Ману Чао, која Игор Џамбазов и Гуру Харе ја направија за Горан Пандев, фудбалерот кој годинава доби Златна буба мара со посвета „спортска легенда“.
Најдраматичниот момент на манифестацијата, пак, беше интерпретацијата на песната „Ми заплакало селото Ваташа“ на Андријана Јаневска, проследена со стиховите на песната „Цветови“, која ја рецитираше Џамбазов. Специјална посвета на авторот на стиховите, писателот Славко Јаневски и сериозна критика за манипулативните толкувања на историјата, кои во последниот период се во политичкиот фокус.
Меѓу наградените беше и писателот Венко Андоновски, деновиве актуелен со својот најнов роман „Папокот на светлината“, како уште една единица мерка во битката на Златната бубамара против мракот околу нас.
- Златна Бубамара е зад нас, нејзината светлина останува наша мисла – водилка до следното 27- мото издание на оваа манифестација.