Хрватската мултиплатинум награда ја доби „Парни ваљак“ за концертите во чест на Аки Рахимовски
Written by Р.Б. on февруари 24, 2023
Музичкото патување Топ.Хр, што синоќа (23.02.2023) во загрепската сала „Лисински“ го организираше Хрватското дискографско здружение и РТЛ, ги награди – по четврти пат – најуспешните музичари во минатата година во 11 категории – водејки се според податоците добиени од радијското емитување, кое вклучува повеќе од 140 станици во земјата, според физичката продажба и дигиталната продажба на стриминг сервисите.
Женски вокал на годината е Миа Димшиќ, машки вокал Лука Нижетиќ, а група на годината е „Парни ваљак“. „Парни ваљак“ го добива ова признание за концертите во чест на фронтменот на групата Аки Рахимовски, кој почина на почетокот на 2022.
Најпродаван домашен албум во реиздание е „Одбрана и последните денови“ на групата „Идоли“. Стриминг пејач на годината е Северина, а странски пејач на годината е Ед Ширан.
Освен наградите за минатата година, на церемонијата се врачени и посебно вредните признанија Мултиплатинум авардс на Хрватското дискографско здружение за врвни дискографски достигнувања и единствен придонес кон рок-културата, кои ги добија „Парни ваљак“ и Даниел Поповиќ. Во поранешните изданија на Топ.Хр овие награди веќе ги имаа добиено Влатко Стефановски, Жељко Бебек и Ју-група, кои присуствуваа и на овогодишната церемонија.
-Ова беше убава прилика да се сретнат старите пријатели – објави Влатко Стефановски на својот инстаграм профил под заедничката фотографија со Жељко Бебек. А поранешниот вокалист на Бијело дугме потсети на својот ФБ профил дека на вчерашен ден 1989 со Влатко Стефановски ја снимиле песната „Жута ружа с Дунава“, која ја изведоа на синоќешната церемонија во Загреб.
Синоќешното 4-то доделување на наградите Топ.Хр беше во знакот на 75-годишното постоење на Кроација рекордс, некогашен Југотон, во рамки на чие делување настанаа неброен број музички албуми што го збогатија регионалното музичко наследство.
Во одличната музичка атмосфера со нота носталгија, публиката во салата „Лисински“ на емотивен начин се потсети и на музичкиот опус на единствениот Масимо Савиќ, кој не напушти кон крајот на минатата година, а одбележана е и 100-годишнината од раѓањето на Иво Робиќ.