„Фрајле“ во студиото на 105,2 – госпоѓиците кои станаа самосвесни боеми
Written by Р.Б. on јуни 18, 2022
Насмеани, распеани и расположени, членките на групата „Фрајле“ гостуваа денес на пладне во студиото на 105,2 пред вечерашниот концерт на платото на Македонската опера и балет.
Невена Буча, Наташа Михајловиќ и Јелена Буча во спонтан и релаксиран разговор, со пеење и смеење, зборуваа колку продуктивни за нив биле изминативе две пандемиски години, за време на кои снимиле документарен филм, подготвиле нов албум, а Јелена Буча напишала и книга за нивниот пат до ѕвездите.

„Фрајле“ во моментов се вистински ѕвезди на регионалната музичка сцена. Концертите им се полни, песните им се секаде пеени, а тие се чувствуваат удобно – живеејќи ја музиката. Се шегуваат дека изразот „фрајла“ што значи госпоѓица, дотерана и нашминкана, низ нивната 13-годишна кариера еволуираал и сега веќе, како што им рекле нивните обожавателите во Црна Гора, се прима како израз за „самосвесни жени-боеми што сакаат да се орасположат“.

Во пладневното матине на 105,2 „Фрајле“ се орасположија и пееја и во живо, промовирајќи и мал дел од нивниот нов сингл „Горим“, кој во вторник, 21 јуни, не првиот ден на летото, премиерно ќе биде емитуван на Бубамара радио – во рамки на пошироката регионална премиера на песна.
Разговорот со „Фрајле“, кој делува како енергетски напиток, репризно можете да го слушате во понеделник, 20 јуни во 16 часот на 105,2.