Тина Тарнер втор пат во Рок ен рол холот на славните
Written by Р.Б. on мај 15, 2021
Откако 1991 влезе во Рок-ен-рол холот на славните за работата со тогашниот сопруг Ајк Тарнер, годинава Тина Тарнер, заедно со уште петмина изведувачи, по втор пат е вклучена во оваа престижна селекција.
-Апсолутно сум возбудена поради влезот во Холот на славните со така угледни музичари – напиша Тина Тарнер и им се заблагодари на сите за континуираната љубов и поддршка.
Оваа година во Холот на славните, покрај рок-ен-рол дивата, во категоријата изведувачи се вклучени и: Фу Фајтерс, Го-Го’с, Џеј Зи, Керол Кинг и Тод Рундгрем.

Церемонијата на нивното прогласување ќе се одржи во Кливленд, Охајо, на 30 октомври.
„Крафтверк“ ја добиваат наградата за музички квалитет.
-Оваа година имаме најразнолична класа музичари во историјата на Рок-ен-рол холот на славните и изборот навистина претставува постојана посветеност, не само кон уметниците што создаваа рок-ен-рол, туку и извршија големо влијание врз звукот на младата култура – вели претседателот Џон Сајкс.
Освен Тина Тарнер, и Керол Кинг годинава по втор пат влегува во Холот на славните. Како и Тарнер, и Керол Кинг веќе беше вклучена во оваа селекција 1990 г. заедно со Гери Гофин, нејзин тогашен партнер во компонирањето.

-Тешко е два пати да се влезе во Холот на славните, а ние тоа го имаме годинава. Ова е и една од ретките години каде што три од шесте новопрогласени се жени: Тина, Керол и Го-гос. Тоа само зборува за постојаната моќ и признание на жените во музиката – вели Сајкс.