Симон Трпчевски го собра цело Скопје на „Македонисимо“

Written by on септември 17, 2022

Цело Скопје и Македонија се собраа за македонската премиера на албумот „Македонисимо“ на славниот пијанист Симон Трпчевски, пет години по светската премиера во Лудвигсбург, Германија.

Оттогаш целиот свет го слушна музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва – спојот  на македонската народна песна со џез и класична музика, со потпис на композиторот Панде Шахов кој вчера специјално допатува од Лондон за скопскиот концерт пред Платотот на НОБ кој беше бесплатен. Синоќа Симон беше дома, каде најмногу сака да биде, како што рече, а имали нешто поубаво од насловот на албумот “Македонисимо“ кој значи ептен македонски, потенцира Трпчевски, видно возбуден од масовната посетеност на концертот под ведро небо.  Тој на својот Фејсбук профил, утрово се заблагодари на како што напиша – вистинските поддржувачи на уметноста и на Македонија. 

Проектот „Македонисимо“, во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ , се зачна одамна во мојата глава, можам слободно да кажам и во моето срце, бидејќи јас сум задоен, па пораснат со народната музика. Имено, мојата прва љубов е хармониката и на тој начин секогаш била вткаена дури и во целосното мое образование како музичка личност, целосното музичко образование кое што јас го стекнав во Македонија и отсекогаш верував дека потенцијалот што нашата народна музика го има доколку се преточи во еден поинаков музички јазик, да речам првенствено којшто доаѓа од класичниот музички свет може да се носи рамо до рамо и со самата класична музика на која што јас сум претставник, рече тој на пресот во Скопје како најава на концертите низ Македонија.

Следните изведби се предвидени за во Штип на 25 септември и во Битола, ден потоа, на 26 септември.

Уникатниот тим на „Македонисимо квинтетот“ и на оваа серија  концерти го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.

Со оваа домашна турнеја ќе се одбележи и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас.

Светската премиера на оркестарската верзија на Македонисимо во, веројатно, најпознатата музичка сала на светот, виенски „Музикферајн“, сцената на која се одржува традиционалниот Новогодишен концерт омилен во глобални рамки, ќе се случи на 2 март 2023 година. Ќе го придружува австрискиот Тонкунстлер оркестар, а под палката на нивниот шеф-диригент, маестро Јутака Садо од Јапонија.


Current track

Title

Artist