СЕ ОДРЖА ЗЛАТНА БУБАМАРА НА ПОПУЛАРНОСТА 2019
Written by Р.Б. on февруари 23, 2019
4-часовно бегство во светот на смеата и шегата…
ВИП-арената „Борис Трајковски“ исполнета до последното седиште и до последниот слободен простор на овогодишната 22. Златна Бубамара на популарноста. Мега-настанот на годината и овој пат во публиката ги собра естрадните лица, политичарите, актерите, пејачите, новинарите. И на сцената: естрадни уметници, музичари, актери и пејачи во најголемото шоу што ги сумира, низ смеа, сатира и музика, врвните достигнувања на минатата – 2018 година.
Настанот, по препознатливиот звук на фанфарите, го отвора Марлон Брандо со песната „Дај ми да пијам“, песна што со своите отрезнувачки стихови е неофицијална химна на времето што го живееме. Песната на Брандо е отпејана варијанта на мотото на овогодишната Бубамара на популарноста, кое гласи: „Време е ДА СЕ ПРЕДАДЕМЕ – на музика, смеа и работа, откако се ОДДАДОВМЕ – на лажење, крадење и неверства“.
Бидејќи е излажано, украдено и изневерно што можеше да се излаже, украде и изневери, сега се предаваме поради стореното – пред децата и најмладите.
Театарот за деца и млади Микс изведува делови од претставата „Земјата која ја нема“ во режија на Виолета Џолева, работена според детските песни од Александар Џамбазов. На сцената се главните глумци – децата и во најголемата споредна улога – големото дете Драган Спасов Дац. За „Земјата која ја нема“, Театарот за деца и млади добива Златна бубамара за детска претстава. Од првиот ред насмеано ги гледа маестро Александар Џамбазов.
Публиката потоа ја поздравува главниот „виновник“ за постоењето на оваа манифестација, Ранко Петровиќ, веќе 22 години постојано „обвинет“ за добра забава и за добра шега, ама недостапен поради имунитетот, изграден со неговата позитивна енергија. Ранко ја најавува наградата за животно дело, која годинава ја добива Григор Копров, авторот на некои од најубавите рефрени во македонската поп-антологија.
Песните на Копров, со силна поддршка од публиката, на сцената заеднички ги пејат: Антонија Гиговска, Ѓоко Таневски, Маја Саздановска и Александар Тарабунов. Заедно со нив пејат и 6500 посетители во публиката, а омилените ноти на „Многу дни пребродивме ние“ на Сенка и Зафир, „Сонце во твоите руси коси“, „Немир“ и „Твоите бакнежи“ на Тоше Проески, „Сребрени улици“ на Маја Оџаклиевска и многу други оддекнуваат низ ВИП-арената.
За сите песни и за сите мераци, истерани додека се пееле неговите песни, Копров ја заслужи оваа награда низ децениите со продукција на бројни хитови во забавната и во народната музика.
Амбиентот дополнително се загрева со безвремената балада „Црно тикевешко“, за која текстот го напиша и ја отпеа Владо Јаневски, а музиката ја компонираше Копров.
Неполн месец пред неговиот самостоен концерт, закажан на 16 март, Владо Јаневски на Златна Бубамара ја пее и новата песна „Откако си негова“. Владо ретко настапува, па неговото појавување на Златна бубамара предизвикува голем интерес во преполната ВИП-арена.
А, сега, дами и господа, маестрото на доброто расположение и ветеранот на стенд-ап настапите Сашко Коцев, синот на светото вечерашно водителско тројство, ја зазема сцената на Златната бубамара и – не заминува од неа до крајот на манифестацијата. Во френетична атмосфера, со многу смеа, Сашко си поигрува со некои од најактуелните теми на нашето секојдневие, а скопска тема број еден е – аерозагадувањето.
Насред својот настап, тој ги повикува фоторепортерите присутни во салата да се качат на сцената за да ја направат најотровната фотографија од скопскиот „бал под маски“.
Шест и пол илјади посетители во ВИП-арената ставаат маски на лицата, Сашко Коцев повикува: „Насмејте се“, а фоторепортерите од сцената ја сликаат фотографијата што ќе го обиколи светот. Работниот наслов и е: „Колку чист воздух можеме да издржиме“?
Во ваква високоадреналинска атмосфера, Сашко Коцев потоа ја доделува наградата за музичко откритие на годината на групата „Дупер“, за која критичарите оценија дека претставува „свеж воздух“ на домашната музичка сцена. Следуваат наградите во уште две категории.
Златна бубамара за најпопуларна детска ТВ серија добива екипата на продукцијата „5 плус фамилија“ за веселиот и едукативен серијал.
Балетска претстава на 2018-та е „Ана Карењина“, продукција на МОБ, во инвентивната и длабоко промислена кореографија на гостинот од Хрватска Лео Мујиќ.
Откако групата – откритие на годината го испеја хитот „Не сум твој тип“, Сашко Коцев, кој е сечиј тип, го повикува Звонимир Џукиќ – Џуле, гитарист на српскиот рок-бенд „Ван Гог“, да ја додели наградата за интернационален успех на годината, која оди во рацете на Џијан Емин, диригент и продуцент, кој ја добива за низата инвентивни соработки со домашни и странски музичари, од американскиот ди-џеј Хуан Аткинс до оркестарцијата на музиката на групата „Љубојна“.
Младата актерка Нина Деан му доделува Златна бубамара на маестрото на годината – пијанистот Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти во новата генерација класични музичари, кој во минатата 2018 одбележа деценија успешна уметничка кариера. Дино на сцената изведува сегмент од богатиот класичен пијанистички репертоар. Така, Бубамара лета во нова, досега непозната зона.
Откако церемонијал-мајсторот на манифестацијата Сашко Коцев ќе истури нова тура вицови на сметка на ситните и покрупните скопски недостатоци, на сцената ги повикува пожарникарите и екипите на Брзата помош, кои секојдневно се соочуваат со такви недостатоци. Немаат пожарникарски и амбулантски возила, ама имаат добра волја да му ја врачат наградата за трајни музички вредности на Мики Јовановски – Џафер. Мики Џафер отпеа некои од антологиските рефрени во домашната забавна музика, оставајќи траен белег во неа. Во интерпретацијата на неговите најголеми хитови „Одам на југ“ и „Сонце за три светови“ гласно и без штедење го поддржуваат сите посетители во ВИП–арената. Ѕвездено небо од запалени светилки се создава во публиката како безброј мали сонца во нашиот микро-свет, единствен по доброто расположение.
На сцената се појавува Игор Димовски, човекот кој го преплива Ла Манш, ги доделува наградите во две категории. Златна бубамара за спортски подвиг на годината добива младиот маратонец, 12-годишниот Марко Пејчиноски. Марко е новиот херој на охридското маратонско пливање, кој годинава во екстремно неповолни услови, со силен ветер и бранови, го преплива Охридското Езеро, од Свети Наум до градското пристаниште.
Игор ја доделува и наградата за најпопуларен фото-модел за Вера Мештеровиќ, првата мис на Македонија, која се појавува на спотот за новата песна „Нешто ме гони“ на српската група „Галија“.
А, потоа шармантната Вера доделува Златна бубамара за спортска легенда, на кошаркарот Перо Антиќ, легенда не само на изминатата година, туку на многу години наназад, кој се простува од професионалното играње кошарка.
Оваа комбинација на наградени од модата и спортот, заеднички потоа му доделуваат Златна бубамара за најпопуларен регионален хит на гостинот од Хрватска Петар Грашо за песната „Ако те питају“. Со оваа песна Грашо веќе ја освои и хрватската награда „Цесарица“ за хит на 2018. Го слушаме регионалниот хит на годината „Ако те питају“, а веднаш по него Грашо ја пее и чудесната „Цесарица“ во чест на Оливер Драгоевиќ, витезот на добрата песна, кој минатата година ја напушти животната сцена.
Сашко Коцев се враќа на сцената и го повикува својот колега од ансамблот на МНТ Никола Ристановски да ги додели наградите за концерт и албум на годината. Откако Никола го најавува хорот од македонскиот национален ансамбл „Танец“, му доделува две награди на Влатко Стефановски – концерт на годината за августовскиот концерт на Антички театар во Охрид и албум на годината – за неговиот најнов албум „Мајчин јазик“.
Во фуриозно темпо, со поддршка на хорот и оркестарот од националниот ансамбл „Танец“, хористите Академскиот хор Мирче Ацев, Дамир Имери – бенд, со зурли и тапани и со Јан Стефановски, синот на Влатко на тапани, Влатко Стефановски ја изведува „Учи ме мајко, карај ме“, која завршува со громогласен и долготраен аплауз, од кој долго оддекнува ВИП-арената.
Како што е ред, актери ги доделуваат актерските награди. Атанас Атанасовски и Валентин Костадиновски -Тино од тимот на театарот „Комедија“, познати и признати и по вонтеатарски стенд-ап ангажмани, доделуваат награди во четири категории.
Театарска претстава на годината е „Еден месец на село“ на МНТ, во режија на гостинот Паоло Маџели.
Златна бубамара за актерка на годината добива Ирена Ристиќ, која цела година е добриот дух на нашево општество, сеедно дали собира отпушоци пред Владата, чисти ѓубре од Клиничкиот центар или игра на театарските сцени.
ТВ-сатирична емисија на годината е „Фчерашни новости“.
Атмосферата во салата, и онака добро загреана, експлодира со настапот на блех-оркестарот на Џамбо Агушев. Каде е Џамбо, таму е и високоадреналинската забава. Поради тоа ненапишано правило, неговиот оркестар добива Златна бубамара за најпопуларен блех-оркестар во 2018.
Во светото водителско тројство на Златната бубамара пристигна и „таткото“ Игор Џамбазов, кој ја отвора својата водителска епизода со песната „Курцшлус“ од серијалот „Преспав“, чиј трет циклус зимава се емитуваше на МТВ. Актерите на популарната ТВ-емисија, еден по еден му се придружуваат на сцената за да ги примаат наградите во три категории.
ТВ-актер на годината е Горан Стојановски, инспекторот во ТВ-серијата „Преспав“.
Млад актер на годината е Дритон Вејсели, кој го игра рецепционерот Талат во „Преспав“.
Најпопуларен ТВ проект е „Преспав“.
Следува доделувањето на наградата за животно дело, која ја добива Милан Лане Гутовиќ, актер повеќе од три децении, најпознат по улогата на ликот Среќко Шоиќ, кој се појави во филмовите од циклусот „Тесна кожа“, продолжи да функционира во серијата „Бела лаѓа“, а сега е главен херој на комичната хит-претстава „Украдена личност“.
По моментите за радување и моменти за тагување. Игор Џамбазов потсетува на оние кои ја напуштија животната сцена во 2018 година: Влатко Илиевски, Ванчо Петрушевски, Мите Грозданов и Горан Стефановски. Публиката со громогласен аплауз и на нозе го поздравува спомнувањето на нивните имиња во веројатно најсентименталниот момент на овогодишната манифестација.
А, потоа Златната бубамара на популарноста продолжува доделувањето на наградата за трајни музички вредности, која оди во рацете на Бора Ѓорѓевиќ, фронтменот на една од најпознатите српски и југословенски рок-групи „Рибља чорба“. Оспоруван и обожаван, политички контроверзен и музички супериоререн, Бора Чорба е една од најголемите ѕвезди на екс-ју сцената и автор на некои од најубавите и најиронични песни во обемната ју-рок антологија.
Во неговиот личен избор, баладата „Погледај дом свој, анџеле“ од шестиот студиски албум на „Рибља чорба“, е таа што би ја избрал кога би требало да се определи за една од сите песни кои ги напишал. Во придружба на хорот „Мирче Ацев“, Бора Чорба ја пее „Погледај дом свој анџеле“. Сите во салата на нозе ја пејат култната балада на „Рибља чорба“ во моментот на чудесно споделената емоција помеѓу изведувачите и публиката.
Во финалето на својот водителски сегмент, Игор Џамбазов ја доделува и наградата за најпопуларен хор. Хор на 2018-та е „Мирче Ацев“, кој минатата година одбележа 70 години постоење. Во годината во која во врвот на популарноста изби филмот „Боемска рапсодија“, посветен на фронтменот на групата „Квин“ Фреди Меркјури, разбирливо беше што хорот „Мирче Ацев“ на Златната бубамара ја изведе токму оваа вечна песна. Повторно сите се на нозе, повторно сите пејат. Новосоздадениот хор сега ги брои и сите 6500 гледачи во публиката, заедно со оние на сцената.
Сега на сцената се враќа, „синот“ од светото водителско тројство Сашко Коцев, најавувајќи уште еден специјален гостин на манифестацијата – шармерот што освои неколку генерации обожаватели – Жељко Самарџиќ, кој доделува неколку награди од областа на музиката.
Продуцент на годината е Лазар Цветковски, хит на годината е „Јако, јако“ на Влатко Лозановски -Лозано, а Лозано ја добива и златната бубамара за пејач на годината. Ги слушаме и двата хита на Лозано: „Километри“ и „Јако, јако“. Лозано на 23 март ќе го има и својот прв солистички конецерт во ВИП арената „Борис Трајковски“, па изведбата на овие два негови хита на Златната Бубамара се најава за концертот што следува.
Во убаво расположение, во финалето на манифестацијата, Сашко Коцев и Ранко Петровиќ го објавуваат јубилејот на Пивара и ја доделуваат Златната буба мара за група на годината – на „Нокаут“.
Не им е првпат на момците од „Нокаут“ да бидат наградени – во 2012 добија златна бубамара за концерт на годината, годинава златна бубамара за група на годината. „Нокаут“ ја пејат „ТВ-радио“ и мега-настанот завршува со – журка!
Со одјавата на церемонијал-мајсторот Сашко Коцев завршува овогодишното 22.издание на Златна бубамара на популарноста. Четиричасовното бегство од реалноста ни донесе 240 урнебесни минути, со музика, хумор и смеа.
Од нас добивате 4 часа забава веќе 22 години – па кој Ви има дадено повеќе?