Преку грбот на Ѓоковиќ до срам кој ќе се памети
Written by Р.Б. on јануари 6, 2022
Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ два дена поминува низ пекол во Австралија откако тамошните власти одлучија да не го пуштат да влезе во земјата и покрај тоа што ги имаше сите потребни документи и виза за влез.

Србинот стигна во Мелбурн и веднаш се соочи со проблем. Задржан беше со часови на аеродромот додека пограничната полиција му ја чешлаше документацијата за медицинско изземање. Оваа документација се користи за влез во Австралија без потврда за вакцинација против корона вирусот, а Ѓоковиќ ја доби дозволата од организаторот на турнирот и од локалните власти. Австралијците сакаа да ја проверат документацијата бидејќи го сметаат Ѓоковиќ за противник на вакцинацијата, но и поради грешка во врска со визата.
Српскиот ас регуларно ја доби визата, па имаше секакво право да мисли дека може без отежителни околности да влезе во Австралија. Тројца други тенисери со истите документи, без никаков проблем влегоа во земјата и веќе се натпреваруваат на АТП турнирите.
Откако му беше одбиен влезот во државата, Ѓоковиќ е сместен во имиграционен хотел, без можност да излезе од него до понеделник кога се очекува конечната одлука. Во случај да си замине самоволно, му се заканува повеќегодишна забрана за влез во Австралија.
„Федералните власти не ја исклучуваат можноста за забрана за влез во земјата во период од три години бидејќи таткото на Ѓоковиќ изјави дека син му е во ‘австралиско заробеништво’ и дека станал симбол и лидер на слободарскиот свет“, наведуваат австралиските медиуми.
Во меѓувреме Ѓоковиќ добива поддршка од своите сонародници во Австралија, но и од голем број славни светски спортисти. Изненадува ставот на Рафаел Надал кој не само што му даде поддршка на својот голем ривал, туку и го искритикува за своето однесување и одлуката да не се вакцинира. Познавајќи го карактерот на Ѓоковиќ, во обратна ситуација, Ѓоковиќ сигурно ќе застанеше на страната на Шпанецот, па можеби и ќе го откажеше своето учество на турнирот.