По концертите на „Танец“ и Влатко Стефановски во Белград и Загреб: Ова беше нешто посебно
Written by Р.Б. on септември 30, 2022
Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски и националниот фолклорен анасабл „Танец“ изминатиов период одржаа незаборавни концерти во Белград, на Коларац, и во загрепската сала „Лисински“, приредувајќи за публиката во преполните сали ретко музичко доживување.
Двата македонски музички бренда одржаа незаборавен сценски спектакл, неподелени се критиките во обата града.
-Често пати сум настапувал во различни формации, но настапот со „Танец“ е нешто навистина посебно. 40 музичари на сцена значат многу моќен звук. Првпат настапуваме во ваков состав и навистина постигнавме нешто посебно со оваа фузија – изјави Влатко Стефановски за хрватските медиуми.


Во својата долга, речиси петдецениска кариера, Влатко повеќепати настапувал со ансамблот „Танец“ и во Македонија и надвор од неа и тие соработки секогаш ги истакнувал како особено значајни и инспиративни за неговата музика, но и за македонската музичка култура, воопшто. За овие концерти, безвременските народни ора и песни, добија нови аранжмани од Дамир Имери. Настапите беа наградени со громогласни аплаузи, извици на одушевување и по некоја солза.

Оваа врвна музичка фузија – заслужено почнува меѓународен концертен живот.