Почина доајенот на македонското спикерство Бранка Станковска

Written by on јануари 22, 2021

Бранка Станковска, легендарната радио и тв спикерка и водителка, почина вчера во Скопје.

Генерации гледачи на Радио-телевизија Скопје ја паметат како прва спикерка и водителка на вестите.

Веста за смртта на Бранка Станковска на Фејсбук ја соопшти нејзината внука Ирина Костовска, која емотивно се прости од својата баба.

„Тивко во сон си замина мојата баба Бранка Станковска. Дочека да биде и чукунбаба, имаше убав живот, изгледа внуци, правнуци и праправнука. Имам прекрасни спомени од неа, можеби затоа што бев прва внука, па бев привилегирана од мала да поминувам повеќе време со неа. За работата што да напишам, беше вистински професионалец, дури и по нејзиното пензионирање беше активна и сè уште може да се слушне нејзиниот глас на радиопрограмите. ТОЧНО Е 12:00 часот. Почивај во мир бабо и после многу години ќе се сретнеш со својата единствена и голема љубов, дедо Бошко!” , објави на Фејсбук нејзината внука Ирина Костовска.

Бранка Станковска, жена со чиј глас пораснаа генерации гледачи на РТВ Скопје, каде таа беше првата спикерка и водителка на вестите. Нејзината најава на првиот телевизиски пренос од Црн Врв на 5-ти јуни 1964 година е почетокот на ТВ Скопје, емитувана преку сопствена телевизиска мрежа.

На 14-ти декември, Станковска ги читала и вестите на првиот телевизиски “Весник”, кој го означил почетокот на емитувањето на редовната програма на Македонската телевизија.

Легендата на македонското спикерство, Бранка Станковска, беше дел и од манифестацијата Златна Бубамара на Популарноста 2006 година.

 

 


Current track

Title

Artist