Почина Аки Рахимовски!
Written by Р.Б. on јануари 22, 2022
Аки Рахимовски, долгогодишниот пејач на „Парни ваљак“, почина денеска на 66 години, објави групата на својата страница на Фејсбук.
„На Рахимовски утрово му се слоши, по што почина во болницата во Ново Место“, изјави неговиот менаџер Дамир Осредечки.
Зад него останаа чудесно отпеаните песни на „Парни ваљак“ и статусот на еден од најдобрите рок-вокалисти во регионот. Роден е во Ниш во 1955 година, но пораснал во Скопје, каде што неговото семејство се преселило кога бил мал. Тука почнал да го стекнува своето музичко образование, учејќи клавир и пеење.

По доаѓањето во Загреб бил член на неколку групи, пред да го запознае гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ, со кого во 1975 година ја основал групата „Парни ваљак“. Низ годините групата ќе стане една од најпопуларните во поранешна Југославија, а Рахимовски еден од најпрепознатливите фронтмени. На сцената гореше, а енергијата беше заштитен знак на секој негов настап.
Со „Парни ваљак“ сними 16 студиски албуми, 14 синглови, 5 лајв-албуми, 4 компилации и две концертни дивиди-изданија. Недоброени се хитовите на групата, на кои неговата интерпретација им даде посебен, само нему својствен, автентичен печат.
Аки беше и голем пријател на Бубамара радио. Во 2017 ја доби Златната бубамара за трајни музички вредности како своевидна потврда за музичкиот печат што заедно со групата „Парни ваљак“ го остави на пошироката музичка сцена. Тоа не беше негово прво учество на манифестацијата Златна бубамара на популарноста. Заедно со Тоше Проески во 2004 ја отпеаа вечната балада „Јесен у мени“.