Писмо од иднината: Светот веќе не ќе биде ист

Written by on март 28, 2020

 

 

Познатата италијанска писателка Франческа Меландри, која поради епидемијата со коронавирусот, веќе три недели е во карантин во Рим, напиша „писмо од иднината, наменето за драгите колеги Европјани“, опишувајќи ги емоциите, со кои ќе бидат преплавени во неделите што доаѓаат.

 

Ви пишувам од Италија, што значи од вашата иднина. Ние сме таму каде што ќе бидете вие за неколку дена. Сите сегменти на епидемијата покажуваат дека сме сплетени во некаков паралелен танц. Но, ние сме неколку чекори пред вас, баш како што Вухан беше неколку чекори пред нас.

Ве гледаме како се однесувате баш како што се однесувавме и ние. Се расправате за истите нешта, за кои не така одамна се расправавме и ние, додека едни тврдеа „па, тоа е само грип, што кревате толку галама“, а други сфаќаа за што се работи.

Сега, кога ве гледаме одовде, од вашата иднина, знаеме дека многумина од вас се заклучиле дома, го цитираат Орвел или дури и Хобс. Но, наскоро ќе бидете презафатени за такви нешта.

Прво, ќе јадете. Не само затоа што тоа ќе е една од последните нешта кои уште ќе можете да ги правите.

Ќе пронајдете десетина групи на социјалните мрежи, во кои се нудат совети како да се мине слободното време на што подобар начин. Ќе им се приклучите на сите тие групи, па по неколку дена целосно ќе ги игнорирате.

Ќе ги побарате сите апокалипични книги кои ги имате, но набргу ќе сфатите дека такво четиво не ви се чита.

Повторно ќе јадете. Нема да спиете добро. Ќе се прашувате што се случува со демократијата.

Ќе имате бурен социјален живот на социјалните мрежи – на Месинџер, WhatsApp, Скајп….

Вашите пораснати деца ќе ви недостасуваат како никогаш порано. Помислата дека немате поим кога следен пат ќе ги видите, ќе ве боли како некој снажно да ве удрил во градите.

Старите замерки и несогласувања ќе ви се сторат целосно неважни. Ќе ги барате на телефон луѓето за кои сте се заколнале дека веќе никогаш нема да им прозборите и ќе ги прашате „Како си?“.

Многу жени ќе бидат претепани во своите домови.

Ќе се прашувате што се случува со оние кои не можат да останат дома, зашто немаат дом. Ќе се чувствувате многу ранливо кога ќе одите во продавница по празната улица, особено ако сте жена. Ќе се прашувате дали вака пропаѓаат општествата? Дали тоа се случува толку брзо? Ќе ги разбркате тие мисли, па кога ќе дојдете дома – повторно ќе јадете.

Ќе качите некое кило во тежината. Ќе ги побарате омилените фитнес-програми. Ќе се смеете. Многу ќе се смеете. Ќе уживате во црниот хумор како никогаш пред тоа. Дури и оние кои претходно се сфаќале многу сериозно, сега сериозно ќе размислуваат за апсурдноста на животот, за вселената и за универзумот.

Ќе се договарате со пријателите и љубовниците да се сретнете во супермаркет барем накратко да се видите во живо, но за цело време на средбата ќе се придржувате до препораките за социјално дистанцирање.

Ќе ги преброите нештата кои треба да ги сторите.

Ќе ја спознаете вистинската природа на луѓето околу вас појасно отколку порано. Некои сомнежи ќе ви се потврдат, а други сосема ќе ве изненадат.

Интелектуалците, кои порано беа сеприсутни и секој ден се појавуваа во вестите, сега ќе станат целосно неважни. Некои ќе се тешат со рационализации, кои ќе бидат толку лишени од сочувство што луѓето не ќе можат ни да ги слушаат.

Но, луѓето на кои порано не сте им обрнувале внимание, ќе се покажат великодушни, доверливи, прагматични и проникливи.

Оние кои на се гледаат како на прилика за глобална обнова, ќе ви помогнат да ја согледате пошироката слика. Но, тие истовремено и многу ќе ве нервираат: убаво, планетата повторно дише, емитираме помалку CO2, ама како ќе ги платиме сметките следниот месец?

Не ќе можете да сфатите дали сведочењето на раѓањето на новиот свет е грандиозна или очајна ситуација.

Ќе пуштате гласна музика низ отворениот прозорец. Кога не гледавте како пееме оперски арии од нашите тераси, помисливте: „Ах, тие Италијани!“. Но, и вие ќе пеете за да се охрабрите меѓусебно. На глас низ прозорецот ќе ја пеете „I will survive“, а ние ќе ве гледаме и потврдно ќе нишаме со главата баш како што нам ни одобруваа граѓаните на Вухан, кои го правеа истото тоа во феврури.

Многумина од нас ќе заспиваат со помисла дека ќе се разведат првиот ден штом се укине карантинот.

Многу деца ќе бидат зачнати.

Вашите деца ќе ја следат наставата преку Интернет. Ќе бидат ужасно напорни, ама ќе ви причинуваат големо задоволство.

Старите луѓе ќе се оглушуваат на наредбите како бунтовни тинејџери: ќе мора да се карате и со нив и да им го забранувате излегувањето за да не се заразат и умрат.

Ќе се обидувате да не размислувате за сите оние луѓе, кои умреле осамени на клиниките за интензивна нега.

Ќе посакате со ружини латици да ја посипете патеката по која минуваат здравствените работници.

Ќе ви зборуваат дека општеството е обединето во заедничка борба, дека сите сме во ист брод. И тоа ќе биде вистина. Ова искуство засекогаш ќе промени како се гледате себеси како поединец кој е дел од поголема заедница.

Ќе биде многу важно на која класа и припаѓате. Не е исто дали сте затворени во голема куќа со прекрасна градина или во мал стан на пренапрегната зграда. Не е исто да работиш од дома и да гледаш како твојата работа исчезнува. Бродот во кој сите заедно повите за да ја победите епидемијата, нема на сите да им изгледа исто, ниту пак навистина е ист. Никогаш и не бил.

Во некој момент ќе сфатите колку е сето ова тешко. Ќе се плашите. Ќе ги поделите своите стравови со своите најмили или ќе ги задржите за себе за да не ги оптоварувате.

Повторно ќе јадете.

Ние сме во Италија и ова е тоа што го знаеме за вашата иднина. Ова е мало претскажување. Ние сме пророци на ниско ниво.

Ако погледнеме во подалечната иднина, која ни е непозната и вам и нам, можеме да ви го кажеме само ова: кога сето ова еднаш ќе заврши, светот веќе не ќе биде ист.

 

 

Франческа Меландри (родена во Рим, 1964) е италијанска писателка, сценаристка и авторка на документарни филмови


Current track

Title

Artist