Новиот мини-албум на Џибони е максимално заокружено дело

Written by on декември 20, 2021

„Влатко (Стефановски) и јас заклучивме дека Хрватите и Македонците сме единствените кои знаат да тагуваат во дур“, се шегува Златан Стипишиќ  Џибони, еден од најдолготрајните и најпочитуваните ѕвезди на хрватската сцена, омилен и слушан и во целиот регион. Убаво расположен по неколкуте настапи во Скопје, тој во интервју за Бубамара радио зборуваше за музиката, за новиот албум „У по уре“, за старите хитови и за старите пријатели. И за чудната способност на тажните песни во македонскиот народен мелос и во неговиот репертоар – да звучат весело. Како пример ги посочи „Кажи, кажи, либе Стано“ или неговата „Чиним праву ствар“, кои се примаат како весели – иако едната зборува за болест, а другата за развод.

Новиот албум на Џибони, насловен „У по уре“ е најавен како мини-албум и содржи 5 песни.

– Се се промени во последниве години. Некогаш најдобрата песна на албумот е таа под број 9, а не ударниот сингл со кој се најавува албумот. Нема правила. Затоа, јас решив да создадам свои правила. Издадов мини албум, нешто како скратен школски час – се шегува познатиот пејач и композитор, кој со овој албум, иако тоа не го истакнува, практично одбележува 30-годишница од својата импресивна солистичка кариера.

Ударните песни со кој се најавува албумот се поп-химната „Киша (Зинаб)“, во која гостува музичарот Хадис Алемајеху Хадинго од Етиопија и етиопскиот хор Мосеб од Адис Абеба, и епски широката балада „Лажне фотографије“. Многу пофалби од критиката, како рок за возрасни, освои и песната „Пјесак ношен ветром“, а на новиот албум се и „Млеко проливено“ и „Ко си да си“.

Иако веќе на големо се слуша на регионалните радио станици и е достапен на стриминг сервисите, албумот „У по уре“ на 25 декември ќе се појави како цеде, точно три децении откако во 1991 беше објавен првиот албум „Са мном или без мене“ на Џибони.

Не му требаше многу по првиот албум за да стане популарен, иако со легендарната „Цесарица“, кој ја напиша за Оливер Драгоевиќ се етаблираше како голема ѕвезда, која својот најголем успех, сепак, го доживеа во 2001 со „Миракул“.

-Имав секогаш одлични соработници. Влатко со својата гитара одбележи повеќе мои албуми, а го има и на новиот, каде што се собрани одлични светски музичари.  Така што Влатко игра во својата категорија – вели Џибони во овој разговор.

Целосното интервју, во кое зборува на повеќе теми, можете да го слушнете на линкот

https://soundcloud.app.goo.gl/SpeMziFGv2dchdTi9


[There are no radio stations in the database]