„Никеја“ го одбележува 25. роденден
Written by Р.Б. on октомври 8, 2018
Групата „Никеја“ од Скопје го одбележува својот голем јубилеј-25 години присуство на македонската рок-сцена со многу музика, концерти и песни.
Бендот го сочинуваат: Алексадар Стојковски на бас-гитара, Лазар Коцев на тапани и Деан Ќурчиев, вокал, гитарист и автор на музиката и на текстовите на песните. И тројцата за себе велат дека по малку се чувствуваат како скитници во модерното време.
Јубилејот го реализираат во неколку фази. Имено, прославата започна со неодамнешната промоција на новиот албум насловен „Њу фолдер“, кога беше претставено и видеото за синглот „Чаплин“, а беа закажани и концертни настапи низ Македонија.
Првиот од нив се одржа на 6 октомври, во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, а вториот е закажан за 12 октомври во центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Наскоро се очекуваат официјални датуми и за други градови во државата. За декември е планирана и промоцијата на видеозаписот за песната „Љубов бараш“ во Скопје.