Мањифико од карантин: Се чувствувам како повторно да служам армија од 15 месеци!

Written by on ноември 16, 2020

Насред карантинот во Словенија, љубљанскиот хит-мејкер Роберт Пешут, познат по уметничкиот алијас Мањифико, го објави новиот сингл „Say No When You Gotta Say Yes“, песна што ја опиша како химна на слободата.

-Ова е песна која има порака – како да се остане во слободен и ведар дух насред екстремни околности како овие. Јас се чувствувам како повторно да служам Армија од 15 месеци – вели Мањифико во ексклузивен разговор за Радио Бубамара.

Во битката против вирусот, Словенија е целосно затворена, а Мањифико го насочува својот внатрешен немир – во нова музика.

-Немам некоја попаметна работа. Ова го правам од немир. Како сите занаетчии, ја работам својата работа. Сугурен сум и дека сите други занаетчии го прават тоа, иако нивната работа можеби и не е потребна во моментов. Ете, музиката сигурно не е најпотребната работа на светот. Важно е да не сме гладни и жедни, а музиката е, да речеме, како сол. И јас се занимавам со таа сол, ја правам, компонирам, свирам и пејам… Луѓето тоа го правеле и во време на војни – вели Мањифико.

Синглот се појави денес (16 ноември) како ограничено издание на винил. На фотографијата објавена на забавно решениот кавер, во духот на сеприсутниот хумор на Мањифико, тој седи во фотеља и – плете.

-Оние кои немаат талент за музика, својот немир го смируваат во плетење. Или во некоја друга активност. Плетењето е една од техниките да се остане слободен и ведар. Како јога и асана, кога ќе постигнеш автоматизам тоа е одличен начин да се постигне некоја слобода и спокојство.

Хуморот е постојан белег во неговата музика и во неговиот настап, генерално, и дури и сега, насред словенечкиот карантин, и глобалната пандемија, Мањифико успева и натаму да го одржи.

-Па, и хуморот е некоја нервоза. Често се случува човек да се смее кога би требало да плаче, тоа е некоја нервна состојба. И уметноста и хуморот се и духовност и нервоза. Хуморот е, да речеме, 50 посто нервоза и 50 уметност.

Што е првата работа што ќе ја стори по крајот на пандемијата? Дали ќе направи серија концерти?

-Ех, и јас сакам да ги направам, но тоа не зависи само од мене. Навистина се чувствувам како фудбалер кој не ја видел топката 8 месеци. Концертот во вакви услови нема смисла, под маски е без врска. Нема да ги има уште некое време…


Current track

Title

Artist