Масимо Савиќ замина, остана сјајот во тревата

Written by on декември 24, 2022

Соработници, пријатели, обожаватели во тага се простуваат од хрватскиот поп-пејач Масимо Савиќ, откако утрово пристигна веста за неговата ненадејна смрт.

„Нашиот татко, сопруг, гордост и љубов, Масимо Савиќ не напушти по кратка, но херојска борба. Замина од овој свет, но во нашите души ќе живее вечно – насмеан, топол, силен, исполнет со љубов и исткаен од уметност“, стои во објавата на неговите сопруга Ени и ќерка Мирна.

Врвен вокал и кантавтор, Масимо Савиќ е роден е во Пула на 6 јуни 1962 година. По доаѓањето во Загреб на почетокот на 80-ите, ја основа групата „Доријан Греј“, која под негово водство станува многу популарна уште по објавувањето на првиот албум „Сјај у тами“ во 1983. Четири години подоцна, Масимо го издава првиот соло-албум „Stranac u noći“, а следуваат „ Riječi čarobne“ и уште 4 албуми до 1995 година, кога Масимо на албумот „Benzina“ го изведува истоимениот хит.

По 2003 следуваат албумите со песни кои 4 последователни години му ја носеа дискографската награда Порин. Во септември 2008 албумот „Sunce se ponovo rađa“ носи нов студиски материјал, со кој Масимо на доделувањето на Порин во Ријека повторно ја освојува статуата за најдобра машка вокална изведба и станува музичар со најмногу освоени награди Порин во таа категорија.

Пред последниот концерт, кој Масимо го одржа на 5 ноември годинава во загрепската Арена, тој дознал дека боледува од рак на белите дробови. Сепак, одбил да го откаже концертот иако лекарите го предупредиле за можните последици врз неговото веќе начнато здравје. За овој концерт, одржан пред 13 илјади луѓе во публиката, хрватските медиуми пишуваа дека е настап на неговата кариера. Масимо го најави концертот како ден на љубовта.

По некој чуден сплет на околности, Масимо, како и неговиот пример Дејвид Боуви, на својата публика пред конечната разделба и даде подарок за разделба – кај Боуви тоа беше албумот “Blackstar”, кој се појави 2016 два дена пред неговата смрт, кај Масимо тоа беше неговиот голем ноемвриски концерт во загрепска Арена.


Current track

Title

Artist