Кога тагата станува среќа – успешно е извршена првата трансплантација на срце кај нас

Written by on мај 23, 2020

Срцето на 43-годишна трагично почината жена од ноќва чука во градите на 54-годишен маж, кој со него доби нова шанса за живот. Во комплицирана 6-часовна процедура, синоќа додека Скопје спиеше, изведена е првата трансплантација на срце од починат донор на Клиниката за кардиохирургија во Скопје.

– Зафатот е успешен и претставува голем подвиг на македонското здравство – објави министерот Венко Филипче.

Со првата трансплантација на срце кај нас испишана е нова страница во македонското здравство. Два бубрега од истиот донор на Клиниката за урологија се трансплантирани кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост, кои со години биле на дијализа. Со благородната и длабоко хумана одлука на семејството на Емилија Динева од Дојран, која настрада во сообраќајна несреќа, спасени се три животи, што е длабоко трогателен пример на несебичност и човечка широчина.

Со овој гест на семејството Диневи толку животи наеднаш добија нова смисла и значење, а идејата за хуманоста доби нова димензија.

Успешната трансплантација на срце, прва во историјата на домашното здравство, ја изврши тимот хирурзи составен од Сашко Јовев од Државната кардиохирургија, Жан Митрев од приватната Клиника „Жан Митрев“, Александар Николиќ од клиниката „Систина“ и анестезиологот од КАРИЛ Маја Мојсова.

Во целата постапка на експлантација и подготовки беше вклучен броен тим лекари од повеќе области, кои заедно ја испишаа оваа приказна, колку трагична толку и мотивирачка, колку емотивна толку и охрабрувачка.

Во Македонија живеат повеќе граѓани со успешно пресадено срце од починат донор, но во постапки извршени на странски клиники. Првата трансплантација на срце од починат донор во светот е извршенa пред 53 години во Кејптаун, Јужна Америка кога кардиологот Кристијан Бернард му пресади на 53-годишен пациент срце од 25-годишна девојка, која исто така настрадала во сообраќајна незгода. Постапката низ годините е усовршувана, развиена е и терапија за неотфрлање на новото срце, но и натаму, како што велат медицински извори, можеби најтешкиот дел од зафатот, кој и сам по себе е прилично комплициран, е да се најде соодветен донор.


Current track

Title

Artist