И Панчев не го пуштаа во Грција, па зажалија

Written by on јануари 7, 2022

Случајот со Новак Ѓоковиќ кој последниве денови е во центарот на вниманието на светската спортска јавност, потсети на нешто слично што му се случи на Дарко Панчев пред речиси 30 години.

На 18 март 1992 година, Црвена Звезда со Панчев гостуваше кај Панатинаикос во Атина, во рамките на тогашниот Куп на европски шампиони. Во екот на дипломатската војна меѓу Македонија и Грција, а половина година откако нашата држава прогласи независност, Дарко инсистираше кај нашиот јужен сосед да влезе како Македонец во документите потребни за виза.

Грците не сакаа да слушнат бидејќи во тој период не го признаваа ни нашето уставно име, ни националноста, но под притисок на УЕФА, на нашата фудбалска легенда Дарко Панчев, сепак, му беше дозволен влез, по неколкучасовно малтретирање. Поради немилата случка, како врвен професионалец, Дарко својот бес го истури на теренот на Олимпискиот стадион во Атина. Не само што ги постигна двата гола во победата од 2-0, туку вториот беше ремек-дело, а по неговото постигнување почна и да танцува на тревата.

Случајот со Ѓоковиќ не е дипломатски, но секако е политички, со оглед на тоа што властите на Австралија не му дозволуваат влез во државата иако организаторот на претстојниот Гренд слем нема проблем да го прими и да му овозможи настап. За разлика од Панчев, Ѓоковиќ имаше 26-часовен напорен лет, потоа седум часа бепе испитуван во имиграциското одделение на аеродромот во Мелбурн, а мора да помине неколку дена во имиграциски хотел, каде условите за престој се мизерни. Можно е в понеделник тој да биде вратен во Србија, ако судот во Австралија одлучи дека навистина нема услови тој да добие изземање од вакцинација против корона.

Ако се случи чудо и Ѓоковиќ, сепак, настапи на Австралија Опен, веројатно ќе бидеме сведоци на уште една сцена како онаа со Панчев во Атина.


Current track

Title

Artist