Златна бубамара за музичкиот амбасадор Симон Трпчески

Written by on мај 7, 2022

Златна бубамара на популарноста во категоријата „музички амбасадор“ годинава добива пијанистот со светска репутација Симон Трпчески. Со својата фасцинантна концертна активност ширум светот, Симон Трпчески веќе одамна дејствува како своевиден музички амбасадор и како амбасадор на севкупната култура на Македонија.

Неговиот проект „Македонисимо“, премиерно изведен пред пет години на фестивал во Лудвигсбург, Германија, е своевидна музичка посвета на Македонија, на македонската народна музика и на луѓето од Македонија. Овие сплетови од традиционални ора и народни песни во специјална пијанистичка обработка и во нов музички аранжман на сите светски концертни сцени, каде Трпчески редовно ги изведува, се примени со овации и долготрајни аплаузи.

Впрочем, на ваков врел прием од публиката Трпчески наидува во сиот период на неговите меѓународни настапи во светот, каде од првиот момент е пропознаена неговата посебна техника и врвната изведба. Ѕвездените мигови на Трпчески започнуваат по освојувањето на Светскиот милениумски натпревар по пијано во Лондон (,,Millenium World Piano Competition London”), во април 2000 година, додека се уште беше студент на ФМУ. Оттогаш наградите постојано се нижат.

Во неговата дводецениска фасцинантна кариера настапувал на најпрестижните концертни сцени во светот и со највлијателните оркестри – од Лондон до Сингапур, од Торонто до Хонг Конг. Снимил 13 албуми за престижни светски музички издавачи, а во неговото портфолио можат да се најдат исклучителни коментари од некои од највлијателните светски музички критичари.


[There are no radio stations in the database]