Дино Мерлин: Јас сум лекар на душата, останувам на бојното поле на љубовта за животот
Written by Р.Б. on ноември 2, 2020
Еден ден по промоцијата на синглот „Ние (Ми)“, со кој регионалната ѕвезда Дино Мерлин го најавува новиот албум што ќе се појави до крајот на годината, во телефонски разговор ексклузивно за Радио бубамара тој зборува за својата нова музика во ова застанато време.
-Ние кои пишуваме песни и се занимаваме со било кој вид на уметност, постоиме за да ги разгалиме душите, да донесеме надеж и да дадеме оптимизам, зашто што би се случило кога сите би престанале да работиме? За себе мислам како за лекар на душата и посакувам мојата песна да биде лек, поттик да се стане и да се остане на тоа бојно поле на љубовта за живот и за се убаво што животот ни го пружа – вели Дино Мерлин за Радио бубамара.
Песната „Ми“ е снимена и промовирана во наутичкиот центар Порто Монтенегро во Црна Гора. Во изработката на видеото за песната учествува тим од околу 100 луѓе, а режијата е на македонско – словенечката режисерка позната под уметничкото име Кукла. Неполни 24 часа по објавувањето на видеото, новиот сингл на Дино Мерлин веќе имаше милион прегледи на Јутјуб. Мотивирачка, брза и динамична, песната е различна од раскошните балади по кои е препознатлив сараевскиот пејач.
– Тоа е песна што ни ја бои стварноста со други бои. Има разни видови стварности – не само онаа во која живееме гледајки постојано на ТВ како растат бројките на заболените. Постои и друга стварност. Јас сакам да ја покажам таа друга, поголема страна на стварноста – вели Дино Мерлин.
Се разбира мора да се чуваме, да бидеме трезни, но не смееме да дозволиме оваа сенка да не покрие – е пораката на песната „Ми“, која сараевскиот кантавтор ја испорачува до сите.
-Секогаш има светло на крајот на тунелот, ние сега се движиме кон светлото на крајот на тунелот.
Синглот „Ми“ е најава за новиот албум, прв по „Хотел Национал“ од 2014..
-Албумот е полн со оптимизам, разгледница која се состои од песни кои се сите различни. Таа различност секогаш беше и мој поглед на животот – повеќе идентитети, повеќе можности, бирајте по кој пат ќе тргнете. Секогаш сум љубопитен како мојата музика ќе делува на публиката. Но, не можам да угодувам никому. Прво го работам тоа што е во мене, ја цртам и бележам атмосферата што е во мене, ако во тоа се најдат и други души, среќен сум поради тоа. Имам среќа што поголем број луѓе се пронаоѓаат во моите стихови и што тие стихови нешто им значат – вели Дино Мерлин.